Политиките за оданочување и субвенционирање на енергијата во земјите на Европската Унија не се во согласност со нивните климатски цели, а повеќето членки продолжуваат повеќе да помагаат за фосилните горива, отколку за обновливите извори на енергија, соопшти Европскиот суд на ревизори, пренесува „Н1“.
Иако, на ниво на ЕУ како целина, субвенциите за обновлива енергија се повисоки од субвенциите за фосилни горива, постојат значајни разлики помеѓу земјите-членки.
Во анализата која ја изработи Европскиот ревизорски суд се наведува дека 15 земји-членки на ЕУ даваат поголема финансиска помош за фосилни горива отколку за енергија добиена од обновливи извори.
Иако субвенциите за енергија од обновливи извори речиси се зголемија за четири пати од 2008 год 2019 година, субвенциите за фосилни горива останаа релативно непроменети во текот на последната деценија, и покрај обврските на Европската комисија и некои земји-членки постепено да ги укинат.
Субвенциите за фосилни горива изнесуваа од 55 до 58 милијарди евра годишно, а за обновлива енергија се зголемиле од 20 на 78 милијарди евра, пренесува „Еурактив“ на српски јазик.