Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека донеле одлука за организирање блокади на фабрики, институции и патишта како притисок итно да се изгласа законот за минимална плата од 18.000 денари и спирално зголемување на останатите плати во земјата.
Од ССМ посочуваат дека одлуката е донесена едногласно од страна на нивните органи и 300-те членови на штрајкувачките одбори.
Дополнително синдикалците најавија и дека во четврток (10 февруари) ќе одржат уште еден голем собир пред Собранието од 11 часот.
Вчера ССМ со протест го блокираше центарот на Скопје упатувајќи ги барањата за зголемување на минималната плата, откако работодавачите, владата и синдикатите повторно не најдоа заедничко решение по ова прашање.
Покрај преговорите кои се одвиваат во Владата, за на 10 февруари е закажана собраниска седница за измените на Законот за минималната плата. Според измените кои се во согласност со барањата на ССМ, висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три месеци, согласно податоците од Државниот завод за статистика.
Синдикатите со блокада во Скопје порачаа: Или одлука за минималната плата, или штрајк