Квалитетот на дебатата во Собранието на Република Северна Македонија доби оценка 5,4 на скала од 1 до 10 за периодот од јули до декември 2021 година. Ова претставува влошување од претходното полугодие кога средната оценка беше 5,6, покажува новиот извештај на Институтот за демократија.
Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 52% од нивните излагања немале аргументи, додека во 41% слабо аргументирале. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7% од дискусијата. Во набљудуваните дискусии била забележана промена на став кај 9 пратеници поради подобри аргументи на соговорниците за точката на дневен ред.
Дополнително, од Институтот за демократија посочуваат дека надзорната улога на Собранието останала во втор план. Во овој период се одржала само една седница на пратенички прашања, со што се ограничувала можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, додека не се одржала ниту една надзорна седница.
Нивната анализа покажува дека поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 38%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Панчо Минов.
„Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права“, додаваат од Институтот за демократија.
Од организацијата потенцираат дека културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание е на релативно ниско ниво, па во извештајот вклучиле и повеќе препораки, но и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата.
Институт за демократија, од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. Целосниот извештај може да го прочитате на следниов ЛИНК.