Државните и локалните инспектори подобро да се координираат меѓусебно. Да добијат опрема, поефективно да го планираат инспекцискиот надзор, но и да се реши хроничниот проблем на немање инспектор после работно време и за викенди, со цел поефектино да се решава и загадувањето во Македонија.
35 организации, еко-активисти и експерти здружени преку Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) и Алијансата „Разбистри се’“ денеска до Собранието доставија предлог-амандмани, со кој бараат да се подобри Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина.
Тие бараат пратениците да ги уважат нивните предлози и да ги изгласаат амандманите.
„Предлагаме амандмани на надзорот, бидејќи, логично е оној што ја прави координацијата, што ги дава задачите и собира извештаите од локалните инспектори, а тоа е Државнииот инспекторат за животна средина (ДИЖС) – тој и формално да го врши надзорот. А, над ДИЖС контролата ја врши Инспекцискиот совет. И, тоа е логична поставеност. Но, бевме изненадени дека се предвидува некаква Комисија во Министерството за животна средина, која на повремена основа ќе ги чита извештаите од локалните инспектори. Тоа, на тој начин – нема да функционира! Затоа предложуваме координација меѓу државните и локалните инспектори и конзистентна структура. Од почеток на изработката на стратешките, плански документи, па се’ до надзорот“, рече Лилјана Поповска од Зелен институт на прес-конференција пред Собранието.
Во последниот извештај на Европската комисија, во еколошкото поглавје 27, како најголеми пречки беа нотирани слабите административни капацитети, ниската примена и ограничената меѓусекторка соработка. Исто така, ЕУ реагираше дека не е донесен токму Законот за инспекциски надзор во животната средина.
Друг проблем е што повеќе од половината општини немаат локален инспектор за животна средина. Пример, Велес нема ниту еден, како и Куманово, а Битола располага со само еден, иако градот мора да се справува со 600 инсталации и жешката еколошка точка РЕК. На државно ниво пак, преку Државниот инспекторат до 2021 година беа вработени само 19 инспектори. Сите тие работат и без опрема и со ниска транспаретност.
Според Татјана Чакулев од „02 Иницијатива“, недостасуваат контакт информации, објавени мобилни телефони, па не може да се дојде до инспекторите.
„Во претходната верзија на законот постоеја пасивни и активни дежурства, но потоа ги тргнале. Сега сакаме со амандмани да ги вратиме. И, постои Закон за меѓуопштинска соработка – ако нема доволно инспектори – да се координираат и покријат (смена/терен). Општините можат да се координираат со државниот инспекторат. Значи, да има и пасивни дежурства, да се знае кој инспектор кога е дежурен, па граѓаните да можат да пријават во секое време, затоа што (загадувањето н.з.) најчесто се случува вон работно време и празници“, потенцираше Чакулев.
Во делот на задолжителната опрема на инспекторите, еко-организациите бараат алатки за за да се вршат индикативни мерења за нивото на загадување.
„Тоа не се референтни мерења, меѓутоа врз нивна база, доколку покажат одредени неправилности, да се повика акредитирана лабораторија. И, за да нема изговори од типот дека ‘нема пари’, сега да биде задолжително за локалната самоуправа и од државниот буџет да се одвојат средства за да се набави оваа опрема“, рече Чакулев.
Дел од амандманите се однесуваат и на прекршочни одредби. Ова би важело и за градските татковци, бидејќи досегашната пракса покажа дека инспекторатите избегнуваат да ги објавуваат своите извештаи, па јавноста е во бунило дали, колку и кој е инспекториран.
„Тие (градиначалниците) да ја платат таа казна ако не се објавени сите овие извештаи, планови, инспекциски акти од нивните служби“, рече Чакулев.
Кирил Ристовски од „Флоразон“ зборуваше за изгубени случаи поради отсуството на т.н. еколошка правда. Индикација е нискиот број на процесиурани случаи од кривичното право во делот на судството.
„Најчесто, сите пријави што доаѓаат од инспекциските служби завршуваат со минорни парични казни, односно со опомени. Сегашната пракса укажува на заштита на крупниот капитал од судовит, па во иднина треба да се оствари значителен напредок во оваа сфера. Примарно преку едукација на самите судии и обвинители, но можеби и преку формирање на специјални одделенија во рамки самите судови што ќе се занимаваат со еколошкиот криминал“, нагласи Ристовски.
Тој се осврна и на анализаза претходниот Закон за инспекциски надзор, кој ја детерминира рамката за транспаретност и отчетност на инспекциските служби. Освен што констатирале низа недоследности на начинот на известување, според Ристовски фрапира неконзистентноста, односно неунифицираноста на инспекциските извештаи кон надредената институција – Инспекцискиот совет.
„Излеговме со низа заклучоци и препораки кои во моментов се интегрираат. Работиме на подобрување на секундарната регулатива, односно за формата и содржината на извештајот на инспекциските служби“, рече Ристовски.
Здружените еко-организациите бараат и задолжителна употреба на листи за проверка и наведување на видот и количеството гориво во регистарот на загадувачи, бидејќи, велат тие, тоа е еден од главните извори на загадување на животната средина.
Бојан Шашевски