Во 2021 година во Северна Македонија имало температури на воздухот коишто продолжиле да ги одразуваат трендовите на глобалното затоплување, со позитивни отстапувања кај температурите од нормалата за речиси цела земја. Ова е заклучокот наведен во Годишниот извештај на Управата за хидрометеоролошки работи за 2021 година (УХМР), изготвен од авторката м-р Александра Стевков од Секторот за метеорологија при УХМР, којшто Мета.мк на барање го доби од УХМР.
Отстапувањата од просечната температура на воздухот во 2021 година се движеле од -0,3 до 1,1 Целзиусови степени над референтниот период 1981-2010 година. Притоа, поголеми отстапувања се регистрирани кај максималните температури, кои се движеле од 0 до 1,6 степени над просекот за периодот од 1981 до 2010 година, додека кај минималните температури на воздухот отстапувањата од просекот биле од -0,7 до 0,8 степени.
Најниската просечна температура на воздухот лани била измерена во Лазарополе од 7 Целзиусови степени, додека Гевгелија традиционално е најтоплото населено место во земјава со просечна температура на воздухот во 2021 година од 15,8 степени.
Според измерените температури на воздухот и споредбата со просечните средногодишни температури на воздухот за периодот 1981-2010 година, во Гевгелија, Скопје и Охрид лани имало „многу топла година“, додека во категоријата „топла година“ влегле Штип, Струмица, Демир Капија, Прилеп и Битола. Мерењата на температурите покажале дека лани имало „нормална година“ во Берово, Крива Паланка, Лазарополе и Маврово.
Притоа, во Годишниот извештај на УХМР минатото лето е клафицирано како топло до исклучително топло. Да потсетиме, Северна Македонија во текот на летниот период од 2021 година се соочи со најголемите шумски пожари во изминатата деценија. За само четири месеци, од јуни до септември 2021 година, имаше 142 шумски пожари во кои изгореа 11.420 хектари површина под шума и беше причинета материјална штета од над 37,6 милиони евра. Овие податоци на крајот на минатата година ги објави Државниот завод за статистика во своето статистичко истражување направено во соработка со ЈП Национални шуми.
Во овој летен период беа регистрирани долготрајни топлотни бранови, со високи температури на воздухот пропратени со ветер, а најсериозна беше состојбата со Малешевскиот регион, каде што во гаснењето на пожарите мораа да се вклучат и пожарникари од други европски земји.
Инаку, во поглед на врнежите, Годишниот извештај на УХМР за 2021 година покажува дека токму во Берово лани имало екстремно влажна година, заедно со Битола. 2021 била влажна година во Штип и Маврово, додека во категоријата „нормална година“ спаѓаат Крива Паланка, Демир Капија, Прилеп, Охрид и Лазарополе. Лани била сушна годината во Струмица, Гевгелија и Скопје.
Покрај тоа што климатските промени изразени преку зголемувањето на просечните температури на воздухот се потврдени во документот на УХМР, глобалното затоплување беше потврдено и од Европската климатска агенција „Коперник“. Тие утврдија дека температурата на светско ниво во 2021 година била за 1,2 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Ова значи дека климатските промени со несмалено темпо продолжуваат да создаваат екстремни временски услови на Земјината топка, предизвикани од емисиите на стакленички гасови.
Британскиот весник „Гардијан“ ги пренесе научните податоци од „Коперник“ за мерењата во последните седум години во светот, кои покажуваат дека токму овие години се најтоплите во човековата историја.
Она што треба да се потенцира дека стручниот документ што го изготвила УХМР за 2021 година врши споредба на измерените температури лани со просечната средногодишна температура на воздухот за периодот 1981-2010 година, додека споредувањата коишто се достапни на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2020 и годините пред неа се направени со просечната средногодишна температура на воздухот за периодот 1961-1990 година во населените места низ земјава, со исклучок на Скопје каде споредбите се правеле за периодот 1981-1990 година.
За да се спречат последиците од глобалното затоплување, лани во ноември во Глазгов се одржа Конференцијата за климатски промени (КОП 26). Речиси 200 земји се согласија на Климатскиот пакт од Глазгов за одржување на ограничувањето на глобалниот пораст на температурите на воздухот до 1,5 степени во живот и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор. Сепак, државите треба допрва да ги имплементираат мерките на национално ниво за да ги намалат емисиите на стакленички гасови.
На Конференцијата во Глазгов, 130 земји ширум светот ветија дека најдоцна до 2030 година ќе стават крај на уништувањето на шумите. Имено, токму дрвјата ги апсорбираат штетните стакленички гасови испуштени во воздухот. Воедно, десетици земји на КОП 26 се обврзаа дека ќе го прекинат производството на струја од јагленот, којшто е еден од главните предизвикувачи на стакленичките гасови.