Земјава доби 7,9 милиони долари за справување со аерозагадувањето и климатските промени

Со средства од глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој (ЦОР) преку Обединетите Нации, земјава доби 7,9 милиони долари за да создаде нов финансиски инструмент за поевтино финансирање на мали и средни претпријатија, физички лица и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност, информираат од Владата на РСМ, јавува „Мета“.

Северна Македонија е една од земјите која заедно со програмите на Кенија, Мадагаскар, Суринам и Зимбабве е избрана меѓу 10-те најдобри програми од аплицираните над 100 земји од светот.

Со обезбедените средства, се започнува воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46,5 милиони долари, вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери, кое се наоѓа во фаза на финално одобрување.

За да ѝ помогнат на земјата во борбата против загадувањето на воздухот и климатските промени, покрај три организации на Обединетите нации (ОН) -(Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација за миграции – ИОМ, и Економската комисија за Европа на ОН) и македонската влада, во програмата ќе се вклучи и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и повеќето приватни банки во земјата.

Планираните инвестиции директно ќе придонесат за намалување на стакленичките гасови, загадувањето на воздухот и за зајакнување на локалните еко-системи за зелени фондови за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во земјава.

Инструментот за зелено финансирање ќе обезбеди зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Поконкретно, со воведувањето на овој инструмент, се очекува да се постигнат заштеди на електрична енергија во висина од 70.068 мегават-часови на годишно ниво, избегнување на емитување на 80.510 тони јаглерод диоксид во атмосферата, како и обезбедување на 10,7 мегавати во нов производствен капацитет од обновливи извори на енергетика.

Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој е повеќепартнерски заеднички фонд основан од Генералното собрание на Обединетите нации. Фондот поддржува земји членки на ОН преку намалување на ризиците за инвестиции што водат кон решенија за финансирање на активности што ќе водат до забрзување на прогресот кон Целите за одржлив развој. Цел на овој фонд е да распредели една милијарда долари во грантови на годишно ниво кон Агендата 2030.

Мета