[Видео] Да се зголеми безбедноста на новинарите, бараат ЗНМ и ОБСЕ преку нова кампања

Зголемување на безбедноста на новинарите онлајн и офлајн, но и да се намали бројот на заканите и нападите кон новинарите и медиумските работници во земјава, бараат Здружението на новинарите на Македонија и ОБСЕ преку нова кампања. 

Исто така, целта е да се зголеми јавната свест кај пошироката јавност за штетните ефекти од вербалните напади како што е говорот на омраза и да се крене свеста за физичките напади.

„Идејата е преку видеата да се потсети јавноста да избегнува родово насочени навреди и да се илустрира важноста на улогата на професионалното новинарство во едно демократско општество и да се стави акцент на слободниот пристап до информации кој е од клучно значење за јавноста“, стои во соопштението за кампањата.

Првото видео со наслов „Медиуми, слобода на говор и демократија“ зборува токму за начинот како да се стигне до бараната информација.

Второто видео ги обработува предизвиците со кои се соочуваат новинарите во обид да ја информираат јавноста. Според ЗНМ и ОБСЕ, во ера на зголемена дигитализација и брз проток на информации, предизвикот е вистинската вест да исплива на површина во морето од шпекулации и непроверени вести.

Третото видео зборува за тоа дека безбедноста на новинарите е клучна во обезбедувањето пристап до информации.

Кампањата е дел од проектот „Промовирање на заштита на новинарите и на етички и професионални стандарди во медиумите“ кој е реализиран со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ќе биде активна во следните 15 дена на дигиталните медиуми во Северна Македонија.