Србија во последните десетина години доживува мутантска експанзија во градежништвото, гранка која, поради лошата регулатива и речиси никаквата контрола, е совршена за перење незаконски стекнат капитал.
Невозможно е да се зборува за организиран криминал во Србија без да се спомене самата држава, која во значителна мера е своевиден покровител и монополист над таквиот криминал. Корупциски афери, манипулации со јавни набавки, организирани криминални групи на „навивачи“ задолжени за заплашување и предизвикување насилство итн. директно се поврзани со државниот апарат.
Во средината на септември минатата година, официјалниот Стејт департмент издаде предупредување дека не треба да се патува во Србија поради „Ковид и организиран криминал“.
Во Србија бизнисмени и финансиери на СНС, a во САД на црна листа
Неодамнешното спектакуларно апсење на Вељко Беливук и неговиот клан разоткри директни врски помеѓу криминалците и тогашниот врв на српската полиција. Имено, овој водач со години бил во близок контакт со челни лица на полицијата. Ангажирањето криминалци во државните работи во Србија е воспоставена практика со години, не само на улиците и за време на предизборните кампањи, туку и во јавните набавки.
Контроверзниот бизнисмен од северно Косово Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, водечката српска партија во Косово, исто така поврзани со атентатот на политичарот Оливер Ивановиќ, се ставени на „црната листа“ на Министерството за финансии на САД поради поврзаност со транснационален организиран криминал, поради што не им е дозволено да влезат и да работат во САД.
Во наодите на американското Министерство за финансии се наведуваат сомневања за коруптивни практики помеѓу браќата Веселиновиќ и политичари во Србија и на Косово. Истовремено, Веселиновиќ и Радоичиќ се сопственици на бројни компании во Србија кои преку тендери ги добиваат најголемите државни проекти, како што е изградбата на меѓународни автопати. На локално ниво, работите што ги објавуваат локалните самоуправи, исто така, се доделуваат исклучиво на компании блиски на власта што главно се новоосновани од луѓе директно поврзани со власта. Во веќе разработениот систем, делот од парите што „инвеститорот“ ги добивал на тој начин од буџетот се „враќаат“, односно се делат со политичарот со чие влијание е наместена работата.
Навивачи: собирачи на долгови и страв од конкуренција
За да бидат сигурни дека работата ќе ја добие фирма која е политички подобна, повторно се ангажираат таканаречените „навивачи“, кои со заплашување на можната конкуренција гарантираат дека на тендерот ќе се пријават само прифатливи кандидати и претприемачи кои се подготвени да соработуваат.
Се разбира, нивните услуги не се бесплатни, па во Србија неретко се случува поранешните насилници од трибините, со сомнително минато и криминални досиеја, да станат бизнисмени и сопственици на претпријатија. Така, градежната компанија „Ултра коп“, зад која стои еден од водачите на навивачите на Црвена звезда, Марко Вучковиќ, познат како Командантот, добила работа во вредност од над 840.000 евра од Електростопанството на Србија (ЕПС).
Вучковиќ е водач на подгрупата Делии – „Ултра бојс“, против која полицијата има поднесувано кривични пријави кои или останале необработени или постапката траела со години, до застарување. Според написот на Инсајдер, „Ултра коп“ ја добил работата благодарение на конзорциумот со „Електроизградња“, компанија во сопственост на Град Белград. Градежната компанија „Ултра коп“ е основана во средината на 2015 година, на адреса на стадионот „Црвена ѕвезда“ и деловниот објект во склоп на стадионот во Лутица Богдан.
Незаконските приходи „заѕидани“ во изградба на станови
Градењето и инвестирањето во недвижности се начин за апсорпција на незаконски приходи, пракса што трае долги години. Србија во последните десет години доживува мутантска експанзија во градежништвото, гранка која, поради лошата регулатива и речиси никаквата контрола, е совршена за перење незаконски стекнат капитал. Според груби проценки, во Србија секојдневно се активни над 50.000 градилишта, а цените на недвижностите вештачки се пумпаат, со што исто така се перат пари.
Во моментов, цените на квадратен метар во Србија, во зависност од локацијата, достигнуваат неверојатни суми од 2.000 до 10.000 евра, и во просек се најмалку 30 отсто повисоки од реалните. Инвеститорите во Србија не се обврзани да покажат доказ за капиталот што планираат да го вложат, а повеќето нови згради во земјата наводно се градат со пари на фиктивни „купувачи во препродажба“.
Покрај локалните „бизнисмени“ во Србија се перат и пари од Република Српска преку градежната сива економија, а за поединечни градежни компании постојат основани сомненија дека практично се во тајна сопственост на член на Претседателството на Босна и Херцеговина и лидер на водечка партија во Република Српска. Самиот Додик неодамна се најде на проширената листа на санкции за дела на корупција од страна на американското Министерство за финансии. А токму корупцијата е една од најорганизираните гранки на криминал во Србија.
Корупцијата во јавниот сектор како бизнис модел
Според истражувањето на невладината организација Партнери на Србија, за обработка на случаи од областа на корупцијата, во Србија најмногу судски постапки се водат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а најмалку за поткуп. Од вкупниот број обвинети, две третини се луѓе ангажирани токму во јавниот сектор. Меѓу нив има полициски службеници, комунални и сообраќајни полицајци, лекари, директори на претпријатија, сообраќајни инженери и правници во локалните органи на власта… Фактот дека меѓу обвинетите, според истражувањето, има најмногу полициски службеници и други работници во Министерството за внатрешни работи на Србија, само потврдува дека криминалот во Србија е практично најприсутен кај оние чија обврска и должност е да се борат против него.
Повременото пресметување на државата со криминалот во „сопствените редови“, како апсењето на поранешниот заменик началник на Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК) Горан Папиќ или поранешната државна секретарка за внатрешни работи Дијана Хркаловиќ, практично повеќе укажуваат на судири во владејачката партија со кадри кои „излегле од контрола“.
Хркаловиќ, која сè уште е во притвор, беше уапсена на крајот на октомври 2021 година, наводно под сомнение дека отстранувала докази по убиството на каратистот Властимир Милошевиќ, во јануари 2017 година. Нејзиниот ангажман во МВР беше проследен со бројни контроверзии, пред сè поради необичната биографија, а згора на тоа и врските со навивачките групи, пред сè со озлогласениот Вељко Беливук.
Здробени непријатели и планирање атентат на Вучиќ
Според министерот за полиција Александар Вулин, Србија „го спречила формирањето нов Земунски клан“ со апсењето на Беливук и неговата криминална група на почетокот на минатата година. Меѓутоа, Беливук, како предводник на навивачите на ФК Партизан, со години го држеше белградското подземје.
Членовите на неговата навивачка група „Принципи“ со години работеа како „обезбедување“ во сите белградски клубови, а воедно и беа задолжени и за продажба на дрога, како и за рекетирање на бизнисмени и сопственици на кафулиња. Против „Принципи“ се поднесени десетици кривични пријави за најтешки кривични дела, но повеќето од нив до ден денес не се обработени или се во фаза на истрага.
Нашироко се веруваше дека имаат заштита во самиот врв на власта, а тие сомнежи дополнително се потврдија со некои заеднички фотографии на навивачи со српски политичари и министри, прегрнати, во ноќни локали. Во моментов криминалната група на „Веља Невоља“ е обвинета за неколку брутални убиства и сакатење жртви, вклучувајќи и „мелење делови од тела со мелница за месо“. Беливук во медиумите е означен како наводен член на црногорскиот „кавачки“ криминален клан.
Според истражувањето на порталот КРИК и Радио Слободна Европа (РСЕ), во досегашниот конфликт помеѓу „Кавачкиот“ и „Шкалјарскиот“ клан загинале 171 лице, а тука се бележат убиствата изведени од 2012 година на територијата на Србија и Црна Гора, со одлики на мафијашки убиства.
Водачот на „Кавачкиот“ клан Радоје Звицер пред неколку дена беше означен од српските таблоиди како човек кој го планирал наводниот атентат на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Како што може да се види, корупцијата и организираниот криминал се станати дел од општествено-политичкото ткиво во Србија. Крајот на синџирот, сѐ уште не е видлив.
*Ана Лалиќ е новинарка во одбрана на правото на јавноста на целосно и навремено информирање, и откривање податоци и факти кои центрите на моќ се обидуваат да ги сокријат. Таа беше единствената новинарка во Европа во 2020 година која беше уапсена бидејќи ја информираше јавноста за вистинската состојба во српскиот здравствен систем во екот на цензурата на информациите за епидемијата на коронавирус наметната од владата како дел од вонредната состојба. Ана Лалиќ е добитник на наградата за слобода на говор на Дојче Веле (DW), на Годишната награда на Независното здружение на новинари на Војводина (NDNV) за најдобар новинар и на наградата „Катарина Прерадовиќ“ за професионален интегритет. Ана Лалиќ работи за порталот Nova.rs, а соработува и со порталите NDNV – VOICE и Autonomija. Дипломирала литература и српски јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.