Истражување на „БИРН“: Аларм поради пристапот нa децата до видеоапликациите

Минималната старосна граница од 13 години, што е поставена како услов за отворање профил на Тик ток, не спречи илјадници помлади деца од Балканот да ѝ пристапат на оваа апликација, на која се објавуваат кратки видеосодржини, се вели во истражување на БИРН.

Родителите му рекле „не“ на својот 14-годишен син, кој од нив побарал дозвола да се регистрира на ТикТок. Но, тој, сепак, отворил „таен профил“ и ја користел мрежата, без никаков надзор.

Овој тинејџер е едно од сѐ поголемиот број деца од Балканот што ја користат спомнатата социјална мрежа во кинеска сопственост, која, според американскиот „Клаудфлер“, е најпопуларната во 2021 година.

Истражувањето во рамките вклучува десетици луѓе – наставници, родители и деца и укажува на постоење „технолошка празнина“, односно на тоа дека многу родители не се свесни на што се изложени нивните деца на оваа социјална мрежа.

Повеќе од две третини од родителите одговориле дека нивните деца отвориле профил на Тик ток пред да наполнат 13 години, половина од нив без нивна согласност. Дваесет и пет проценти од родителите кажале дека забележале потенцијално штетна содржина.

Експертите забележале дека децата се особено ранливи на онлајн-силеџиство и малтретирање и оти родителите често тоа не го забележуваат, односно забележуваат кога е предоцна.

Иако постои забрана за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 13 години, во Србија, на пример, „нема контрола на ова поле“, посочува за БИРН експертот за дигитални комуникации, Никола Ристиќ.

Иако некои родители не гледаат никакви штетни последици, над 25 отсто од испитаниците на БИРН – одговориле дека забележале потенцијално опасни објави, кои обично содржеле сексуална содржина, срамотење на телото или слични физички предизвици, употреба на дрога или алкохол, или шеги со кои може да се нанесе штета.

Зијада Кариќ од БиХ, мајка на две деца, вели дека нејзиниот 11-годишен син „користел Тик ток, сѐ додека не слушнал дека девојче починало поради предизвик што кружел на оваа социјална мрежа“.

Некои родители не мислеле дека е лошо тоа што со години нивните деца, иако немаат 13 години, користат ТикТок.

Хасиме Тахири Хасани од Митровица објаснила дека нејзината деветгодишна ќерка „го користи ТикТок главно за да го покаже својот талент за танцување или за да направи некоја видеомонтажа, и дека можеби ова е нешто позитивно“, во однос на стекнување вештини.

За потребите на истражувањето, новинарите на БИРН отвориле профил на ТикТок – во име на фиктивно 13-годишно момче, кој го користеле за да пребаруваат содржини на босански/српски/хрватски и на англиски јазик, следејќи ги хаштаговите популарни кај децата.

Покрај видеата на малолетни тинејџери, кои се забавуваат со музика, глумат или танцуваат, новинарите наишле на објави на кои се прикажани насилни деца или деца што се преправаат дека се насилни, често во училница, видеа од возење автомобил во погрешна насока, но и бројни профили што промовираат националистичка и ксенофобична содржина.

87 отсто од анкетираните наставници, вклучително и тие што се воедно и родители, рекле дека не се запознаени со она што го објавуваат нивните ученици; ист бил процентот на тие што одговорија дека не знаат што следат нивните ученици на интернет. Осумдесет и два отсто од нив воопшто не користат ТикТок.

„Ние во училиштето постојано разговараме со нив на оваа тема и се обидуваме да им укажеме на сите стапици со кои може да се соочат. Истовремено, им укажуваме дека, доколку користат ТикТок, да го користат за содржини што ќе бидат корисни за нивното образование или за образованието на нивните врсници“, изјавила за БИРН Наташа Колевска, професорка по информатика во македонско средно училиште.