Делумно се отстранети навредливи зборови од виралната игра „Вордл“, пренесува „Њујорк Пост“. Потегот доаѓа откако весникот „Њујорк Тајмс“ го презеде сопствеништвото над играта во јануари од креаторот Џош Вардл.
Според правилата, термините како „роб“ и „курва“ повеќе не се прифаќаат од играта, во која на играчите им се дозволени шест обиди да погодат нов збор со пет букви секој ден. Во случај играчите да внесат некој од отстранетите зборови, тие добиваат порака која гласи „Не е во списокот со зборови“ и ги поттикнува да пробаат различен одговор.
Сепак, се чини дека не секој навредлив збор е опфатен со забраната засега. Но, од „Тајмс“ за медиумите најавуваат дека сè уште се во процес на отстранување на ваквите зборови од играта.
Во меѓувреме, сè уште нема информации какви чекори презел весникот за сајбер-отпорност на играта, која неодамна беше хакирана. Хакери, наводно, го откриле алгоритмот на играта и објавиле спојлери за скоро 120 претстојни зборови.