Од Друштвото на писателите соопштија дека денес во Скопје, по долго боледување, на 71 годишна возраст почина проф. д-р Драги Михајловски, еден од најреномираните македонски писатели и преведувачи, кој ќе остане запаметен и по преводите на собраните дела Шекспир.
Михајловски преведе 37 драми и 154 сонети од Шекспир, за што некои оправдано го нарекува македонски Шекспир, додаваат оттаму.
Од англиски на македонски има преведено повеќе од 110,000 стихови, а освен Шекспир, на македонски ги донесе и Т. С. Елиот, В. Б Јејтс, П. Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Тони Морисон, „Беовулф“ од непознат автор и други.
Тој од 1976 година работеше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од каде и се пензионира, како редовен професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметите Теорија на преведувањето и толкувањето и Практика на преведувањето.
„Со своето творештво ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература; со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англосаксонската јазична сфера на македонски јазик; а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на универзитетот“, велат од ДПМ во своето соопштение.
Драги Михајловски е роден е во Битола, на 16 октомври 1951. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1992 година, на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир, Вашингтон, САД.
Автор е на збирките раскази: „Речно улиште“ (1981), „Ѓон“ (1990), „Скок со стап“ (1994), „Триполската капија“ (1999), „Раскази од шести кат“ (2003), „Пеперуткарот“ (2009), збирката новели и раскази „Глинениот човек“ (2014), „Раскази и споредбени коментари“ (2015) и комбинацијата на раскази и драми, „Патот за рајот“ (2017).
Исто така, Михајловски ги има објавено и следните романи: „Пророкот од Дискантрија“, (2001) „Смртта на дијакот“ (2002), „Мојот Скендербеј“ (2006), „Бајазит и Оливера“ (2009), „Должници“ (2014), „Швајцарија на Балканите“(2015) и „Бдеењето на Одисеј“ (2018).
Има објавено и две книги за деца – „Волшебното котле и други бајки“(1995) и „Сиромавиот и чучурлигата“ (2000), како и две студии од областа на преведувањето: „Нераспнати богови“ (1991) и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“ (2002). Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.
Добитник е на „Рациновото признание“ (1994) за книгата раскази „Скок со стап“, и два пати на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот „Смртта на дијакот“ (2002) и за романот „Мојот Скендербеј“ (2006). Михајловски ги има добиено сите награди за книжевни преведувачи во Македонија.
Во 1996 година ја добива наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, а во 2006 година наградата „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир, како и наградата „Кирил Пејчиновиќ“ во 2009 година за неговите многубројни препеви и преводи на дела од англосаксонската книжевност на македонски јазик.
Во 2013 година повторно ја добива престижната награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир. Добитник е и на наградата „11 октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.