Турскaта компанија „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ што требаше до 2024 година да го исчисти отпадот кај некогашниот рудник на арсен и антимон „Лојане“, доставила до Министерството за економија барање за едностран раскин на договорот за концесија. Компанијата влезе во „Лојане“ во 2014 година, потоа во 2018 доби дозвола за експлоатација, но има продадено само 60 тони од опасниот арсен сулфид и другите минерални суровини. Ова е само 0,4% од вкупно 15.000 тони опасен отпад кој е оставен на отворено, незаштитен и загадува сè околу себе – локалната вода, почвата, околните реки, а граѓаните на липковскиот крај се жалат дека жртви стануваат и нивните деца.
Досега бројни научници и активисти укажуваа за опасностите од купиштата со арсен расфрлани кај селата Лојане, Ваксинце и Табановце, што го прави овој регион една од најжешките еколошки точки во Македонија. Неодамна реагираше и Државниот инспекторат за животна средина со свој допис, барајќи да се исчисти јаловината, особено што во непосредна близина се наоѓа училиштето „Рилиндја“ со деца кои секојдневно дишат отрови.
Исто така, Мета.мк пишуваше дека Државниот инспекторат за техничка инспекција на 2 февруари излегол на терен и утврдиле дека концесионерот го нема оградено просторот, нема поставено информативна табла за опасностите од отпадот, ниту се поставени знаци за користење на водата од јаловиштето.
„Концесионерот е задолжен со Решението од Државниот инспекторат за техничка инспекција да постапи по задолженијата, а Договорот ќе се смета за раскинат откако Владата ќе донесе одлука за едностран раскин“, посочуваат од Министерството за економија за Радио МОФ на прашањето дали следува санкција за непостапувањето.
Во конкретниот случај, велат тие, треба да се преиспита дали може да се задолжи „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ да го рекултивира земјиштето. Тоа подразбира отстранување на јаловината и вршење експлоатација, за што концесионерот се изјаснил дека нема можност да го направи.
„Затоа, откако ќе се раскине Договорот за концесија, Министерството за економија веднаш ќе изготви нова предлог-одлука до владата за повторно објавување на Јавниот повик за доделување на предметната концесија со јасно дефинирани услови и рокови за постапување“, велат од министерството.
Долг процес без резултати и изгубено време за селаните и природата
Жешката точка „Лојане“ од 2014 и потоа пак од 2016 години беше дадена под концесија на две фирми со ист турски управител – Мерт Ајдин. Во Централниот регистар Ајдин се јавува како еден од сопствениците на „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ ДОО СКОПЈЕ и „АЈМА МАДЕНЏИЛИК“ ДОО СКОПЈЕ.
Првата склучи договор за експлоатација на техногена суровина (отпадот од поранешниот рудник со остатоци од минерални суровини), додека втората фирма беше заинтересирана за експлоатација на антимон.
Сепак и двете фирми се повлекуваат предвреме. Барањето за раскин на договорот на „КАЛТУН МАДДЕНЏИЛИК“ доаѓа само по седум месеци откако „АЈМА МАДЕНЏИЛИК“ на 4 јуни 2021 веќе испрати такво барање до Министерството за економија.
Аргументот на сопственикот Ајдин лани беше дека „при истражувањата на рудникот не наишле на позитивни резултати“. Истовремено уверуваше дека до 2024 можат да го продадат отпадот од „Лојане“, иако имале потешкотии со земји како Кина и Виетнам кои ги затвориле границите за ваков тип материјал.
Проблемот е што практично се изгубени осум години од првата добиена концесија. Селаните не видоа позначителни резултати и сè уште живеат во средина „богата“ со арсен. Се работи за канцерогена супстанција ставена меѓу првите на листата на меѓународната Агенција за рак, додека Светската здравствена организација алармира дека арсенот предизвикува акутно труење проследено со повраќање, абдоминална болка и дијареа. Исто така, во екстремни случаи – смрт.
Ако се погледне дозволата за експлоатација на „КАЛТУМ МАДДЕНЏИЛИК“, потпишана од министерот Крешник Бектеши во 2018, таму стои дека рекултивацијата на земјиштето каде се врши експлоатацијата на минералната суровина, концесионерот е должен да ја прави под услови од добиените дозволи од македонска страна.
Договорот е обезбеден со План за управување на отпад и Главен рударски проект изработен „РУДЕК ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ“ од Берово. Потоа, дозвола за користење инфраструктура издадена од Општина Липково, но и Елаборат за животна средина од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
„Сметаме дека последните наоди на терен (од инспекторатите н.з.) не одат контра пропишаните услови од Елаборатот за животна средина, бидејќи условите на елаборатите се многу јасно дефинирани во националното законодавство“, велат од МЖСПП за Радио МОФ.
Државното чистење на арсенот останува на „ќе биде“
Министерство за животна средина веќе потврди дека загадувањето на „Лојане“ треба да се решава заедно со експлоатацијата. Сега, повторно ќе стапеле во контакт со Министерство за економија, со цел „да се дообјаснат обврските на турската компанија, по однос на оградување на двете локации, поставување на информативни табли и знаци за опасност, како и за сите други обврски на концесионерот“.
„Иако буџетот на Министерството за 2022 година веќе е усвоен и оваа активност не е предвидена, поради постапката на концесијата, секако дека ќе се разгледаат можностите за реализирање на оваа активност“, посочуваат од МЖСП.
Истовремено, тврдат дека се во континуирана комуникација со Министерството за економија, бидејќи, велат тие, одредбите на одредбите на законот за управување со отпад, се тесно поврзани со одредбите на законот за минерални суровини во делот на техногени минерални суровини од овој тип на отпад.
„Сепак, земајќи предвид дека ремедијацијата на загадените почви од поранешното непрописно управување со отпад е од големо значење во државата, Министерството за животна средина и просторно планирање прави напори за овозможување на формална идентификација на контаминираните подрачја на територијата на РСМ. Воведени се нови одредби во законот за животна средина, кој е во Собраниска процедура, а со кои ќе се уредува постапувањето со контаминирано подрачје на правен и институционален начин, вклучувајќи ги сите засегнати страни, како и Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование и др“, велат од МЖСПП.
Но, и тука има проблем со одолговлекување. Мета.мк објави дека предлогот за измени и дополнувања на Законот за животна средина поминал на владина седница уште на 7 декември 2020 година и е доставен до Собранието, но до денеска не е усвоен од пратениците.
Ана Петровска, бившата директорка на Државниот инспекторат за животна средина, вели дека жешките точки како Лојане бараат стратешки пристап, бидејќи државата нема пари за рекултивација.
„Во источните земји (Полска на пример), се создаде фонд за рекултивација и санација на контаминираните локации. Кога има национален фонд со транспарентни и правични правила, доаѓаат и донаторите. Но ние ништо не правиме со овој проблем, го ставаме под тепих. Како и се’ друго, кампањски, ад хок, падни-стани (како и за ОХИС)“, посочува таа.
Дека штетите се огромни за природата и граѓаните се трујат реагира и Лилјана Поповска од Зелен Институт. Таа вели дека државата овозможувала некому да „дреме“, додека последиците не’ стигнуваат сите.
„Така што, овде има одговорност за непреземање на надлежните. Од една страна што тој не го исполнил договорот, а од друга од државата што не го гонела. Сите надлежни што не преземале мерки, а биле задолжени да го следат спроведувањето на договорот, практично – замижале“, реагира Поповска.
За неа е поразително што се изгубени години со концесионери. Дополнително, Македонија сè уште е во апсурдна ситуација – нема свој закон за почви, со кој би се утврдувало количеството на штетни материи.
„Ова е причината всушност зошто уште не се носи Законот за почви. Дека државата ќе земе обврска да нема остатоци од стари индустриски и други загадувања. Имаме 16 жешки точки лоцирано како држава, но тоа се само најголемите. Во овие години транзиција има еден куп жешки точки, секаде каде имало погонче и ѓубриште со отрови. Така што, тоа е бељата. Затоа, државата треба да има обврска да даде пари за чистење на историското загадување, или да најде концесионер. Има две можности. Може и државата да си плати“, забележува Поповска.
Од Министерството за животна средина велат дека ремедијацијата на поголемите оптоварувања врз животната средина и на еколошките жаришта наложува широк опсег на акции, кои треба да се спроведуваат истовремено и во долг временски период со интегриран пристап и со вклучување на повеќе институции.
„Министерството ги разгледува сите можности за решавање на старите загадување, преку сопствен буџет и странски донатори. Оваа проблематика е од важен интерес и во сите билатерални средби на раководството на Министерството за животна средина и просторно планирање“, посочуваат од МЖСПП.
Бојан Шашевски