„Бубамара“: Tелото на девојчињата продолжува да се сексуализира и објективизира во нашите училишта

„Девојчињата да не доаѓаат со гол стомак и разголени гради“ е пораката која анонимно стигнала до Центарот за еднакви можности „Молкуќја “ („Бубамара“). Оттаму тврдат дека се работи за порака испратена од раководителката за образование во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово до нејзините колеги, преку Вибер група.

Според Центарот, трендот на зголемување на контролата врз облеката на учениците се смета за апсолутна контрола врз нивното тело и е дискриминаторска бидејќи се однесува само на девојчињата. Оттаму се загрижени дека телото на малолетните девојчиња продолжува да се сексуализира и објективизира во училиштата.

„Оваа порака ги тера девојките да веруваат дека нешто не е во ред со нивното тело и дека истото може да биде „причина“ за вознемирување или провокација. Ваквите пораки и наредби негуваат култура која ја обвинува жртвата, а не насилникот. Наместо да ги едуцираат момчињата, тие ги ограничуваат девојчињата“, се вели во реакцијата на „Бубамара“.

Сметаат дека наредбата е бесмислена бидејќи девојчињата и момчињата во оваа гимназија со свои пари плаќаат униформи кои целосно им ја покриваат облеката.

Во пораката што ја споделија од „Бубамара“, се наведува дека секој што ќе се спротивстави на кодексот на облекување, да се упати кај раководителката за таа да ги повика родителите.

„Бубамара“ смета дека ваквите случаи се загрижувачки, со оглед на недостигот од сексуално образование, на што се спротивставуваат истите професори кои сметаат дека децата, односно учениците, треба да се држат во синџири со стари правила кои одамна не се во мода“, стои во реакцијата.

Од „Бубамара“ бараат професорката да ја повлече изјавата и да се повлече од својата функција.

„Бараме управата на училиштето да ги преземе неопходните чекори за елиминирање на сексистичките појави во просториите на ова училиште и разрешување на професорката која промовира сексистички јазик“, се вели во реакцијата на Центарот за еднакви можности „Бубамара“.