Феминистичката платформа Медуза (Скопје) и Центар за визуелна антропологија (Београд) во петок организираат проекција на два кратки документарни филмови „Заедно (Сложни жени диско градат)“ – Скопје и „Слободни линии“ – Белград.
Проекцијата на кратките филмови ќе се одржи во Котур, на 25 февруари, петок, со почеток во 19 и 30 часот.
„Ќе прикажуваме два истражувачки, пријателски, документарни филмови, кои се плод на соработка помеѓу Феминистичката платформа Медуза (Скопје) и Центар за визуелна антропологија (Београд), а тргнуваат од претпоставката дека делувањето на жени и квир лица во доминатно машки простори, какви што се и домените во нашиот фокус, (може да) ги промени постоечките услови и релации и создаде нови“, велат од „Медуза“.
Оттаму дополнуваат дека документарниот филм „Заедно (Сложни жени диско градат), одблизу ги претставува животот, развојот, меѓусебните врски, соработки, препреки и борба за егзистенција пред, и за време на, здравствената криза на неколку фигури од културниот живот на градот Скопје, а чија работа беше целосно оневозможена за време на снимањето на филмот.
Документарецот ги вклучува Еми Ермилова, Соња Исмаил, Вера Вендета, Ивана Драгшиќ, Илина Ангел, Ана Мало и Зоки Бејбе, коизборуваат за своето минато и за иднината на оваа професија. Филмот трае 39 минути.
Документарниот филм „Слободни линии“ се занимава со односот кон работата во уметничкото квир студио во Белград – „Тетоважи“.
„Протагонистките, (тату-артистки), зборуваат за тату-уметноста и вештината, родот и политичките позиции во нивното студио за тетовирање. Во филмот се среќаваме со Маја Арѓелан, Ива Богдановиќ, Кристина Кастелец и Мирјана Радовановиќ, од „Тетоважи“, објаснуваат од „Медуза“.
Филмот трае 23 минути.