Најмалку 7.700 лица со полно работно време годишно може да се вработат во граѓанскиот сектор, доколку се преорганизираат постоечките средства и се отворат активни мерки за вработување.
Ова се дел од заклучоците на дебатата организирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Македонскиот центар за европско образование, каде беше презентиран последниот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, насловен „Вин – вин политика“.
Според извештајот, доказ за потенцијалите и можностите за вработување во граѓанскиот сектор се 14-те проекти финансирани од ИПА 2008, со вкупен фонд од околу 700.000 евра. Околу 30 лица обезбедиле плата со платени придонеси за период од една година и околу 1.000 лица добиле дополнување на нивните приходи со просечен хонорар од €100 од оваа грант-шема.
„Оттука, има голема можност во следната финансиска рамка 2014-2020 и со помош на ИПА II, во Македонија да можат да се вработат минимум 7700 лица на годишно ниво (со полно работно време и целосно платени придонеси) плус околу 250.000 лица да можат да ги надополнат своите приходи со дополнителна работа во просечна вредност од €100 по завршено дело, а притоа Владата да не треба да обезбедува некакви дополнителни средства“, се вели во извештајот.
Никола Бертолини од Генералниот Директорат за проширување на Европската комисија, кој е задолжен да изготви стратегија за соработка на Европската комисија со граѓанското општество во следната финансиска рамка 2014-2020, на дебатата истакна дека основен принцип е поврзувањето на политичката поддршка со финансиската поддршка.
„Никогаш нема да бидеме успешни доколку продолжиме да ви даваме грантови, на една многу селективна основа за да можеме да постигнеме можеби два проценти активни организации во секоја земја и немаме политичка цел“, рече Бертолини.
Извршниот директор на МЦЕО, Лидија Димова рече дека Владата треба да направи национален фонд за кофинансирање преку кој ќе се зајакне гграѓанскиот сектор.
„Вкупно 24 милиони евра годишно би се вложувале во развојот на невладиниот сектор и тоа 12 милиони од ИПА фондовите и уште 12 милиони евра од државниот буџет, односно фондот за демократија. Од овие средства би се граделе капацитети на граѓанските организации и би се поврзувале со активни мерки за вработување“, додаде таа.
Иако најголем проблем во Македонија е невработеноста, на граѓанскиот сектор не се гледа како на сектор кој има потенцијал да вработува луѓе, особено не млади.
„Од официјалната статистика гледаме дека просечниот вработен во граѓанскиот сектор е маж, на возраст од 25 до 59 години, со завршено средно образование. Македонија одвојува 604.524.400 денари или околу 10 милиони евра за финансирање на активни мерки за вработување, но граѓанскиот сектор, за жал, не е дел од таа шема“, се вели во извештајот на граѓанските организации.
За подобрување на ситуацијата тие предлагаат неколку препораки за користењето на претпристапната помош на ИПА II: 15% од ИПА II да се испрограмираат за развој на граѓанското општество, да се создаде Фонд за развој на демократија и Фонд по мерка на граѓанските организации. Исто така се предлага кофинансирање заради привлекување дополнителни средства од ЕУ, кофинансирање како активна мерка за вработување, стандард за независност и статус на јавен интерес, развој на финансиското законодавство и поврзување на концептот со „Европа 2020“.