Општина Валандово оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култура.
Од министерството информираат дека на Конкурсот биле пријавени општините Валандово и Велес, а комисијата оценила дека Валандово понудила богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови и естетика, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.
„Во програмата се содржани 69 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори“, соопштува министерството.
Тие посочуваат дека Општина Валандово ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи богата културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата.
„Од особено значење е што од вкупниот предвиден буџет за реализација на програмата (12.674.000 денари), од Министерството за култура се побарани 2.440.000 денари, што претставува 19,25 проценти од вкупниот буџет. Со тоа, Општина Валандово ќе ги покрие преостанатите 80,75 проценти финансиски средства, што во споредба со другата поднесена пријава, локалната самоуправа на Валандово ќе го издвои најголемиот дел од средствата за финансирање на реализацијата на програмата“, стои во соопштението на министерството.
Имајќи го предвид ова, како и фактот што Општина Велес веќе двапати била финансирана во рамките на манифестацијата, и тоа во 2005 и во 2015 година, комисијата предложила да биде прифатена Пријавата доставена од Општина Валандово.
„Манифестацијата ‘Град на културата’, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира во 2004 година и оттогаш, континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани“, велат од министерството.