Откако светските берзи отворија со доза на паника вчера, голем број Руси брзаа до локалните банкомати во Москва за да ги повлечат своите заштеди пред ситуацијата да стане уште полоша.
„Прочитав дека имаат долари па дојдов овде веднаш. Вчера курсот беше 80 (рубли за еден долар), денеска е 100, или 150. Едноставно направив спонтана одлука дека ќе излезам од работа и ќе одам наоколу се` додека не ги извадам сите пари“, вели 32-годишниот Алексеј Пресњаков, застанат во редица со уште 20 луѓе покажувајќи на апликацијата од руската банка „Тинкоф“, пренесува Гардијан.
За само неколку минути во истата редица се прошири дека доларите на тој банкомат се потрошени. Половина од луѓето се разотидоа, а една жена саркастично извика: „Кому му требаат рубли?“.
Од трговските центри до корпоративните управи, руското население вчера се обидуваше да се справи со новиот бран санкции врз централната банка и другите клучни финансиски институции, кои власта во Кремлин го нарече „изменета економска реалност“. Знаците дека се случува нешто несекојдневно ги најави берзата во Москва, која го спречи тргувањето со акции до 5-ти март.
Со замрзнатите резерви, Централната банка на Русија соопшти дека повеќе од двојно ќе ги зголеми каматните стапки, на 20% што е највисоко ниво од почетокот на 21-от век. Истовремено таа ги принуди најголемите извозни компании, меѓу нив и големите енергетски производители, како Газпром и Роснефт, да продадат 80% од своите приходи во странска валута со што ефективно се купуваат рубли и се ублажува падот на курсот.
Но, овие мерки не придонесоа премногу за да се смират нервите на обичните граѓани, како и на претприемачите.
Неколку сопственици на мали и средни бизниси велат дека инвазијата врз Украина и изолацијата на Русија како последица од тоа ги направило нивните бизниси непрофитни преку ноќ.
Еден од нив, кој е сопственик на рекламна агенција со 100 вработени, вели дека попладнето ќе им соопшти на своите вработени дека ќе ја напушти земјата и ќе отпатува во Ерменија со својата жена и двата сина.
„Ќе им кажам дека влегуваме во криза која никогаш досега не сме ја доживеале. Како да леташ во авион без мотори, или со запалени мотори“, објаснува овој бизнисмен.
Неговата компанија, која имала договори со меѓународни брендови како Пепси или Фолксваген, до јануари 2022 година имала огромен раст, и остварувале рекордни профити. Сега најголем дел од овие брендови се откажуваат од рускиот пазар и неговиот бизнис драстично е намален.
Друг сопственик на бизнис, кој работи во секторот на туризмот и трговија со храна и пијалоци, вели дека се наоѓа во целосна неизвесност за тоа како ќе изгледа иднината под рускиот претседател Владимир Путин.
„Немаме никаква проклета идеја што следно ќе стори. Никој во бизнис заедницата нема идеја за тоа. Сите се во депресија. Имам доживеано толку многу економски кризи овде, пандемијата беше последната… Но, секогаш постоеја причини за да се борите за својот бизнис. Сега, не гледам светло на крајот на тунелот повеќе. Дури и доколку се постигне мир, штетата е веќе направена. Како да ја поправиме?“, објаснува бизнисменот.
Во земјата вчера постоеше чувство дека кризата ја преминало границата од која нема враќање, додека руската војска започна да надлетува врз Украина, а во грантирање беа погодени повеќе населени квартови на градот Харкив, во кој живеат над 1 милион жители.
Дури и најбогатите луѓе во Русија, меѓу кои и моќните олигарси, очигледно се во неизвесност поради нестабилноста предизвикана од руската воена инвазија.
Милијардерот Олег Дерипаска повика на мир „што е можно побрзо“ во објава на Телеграм платформата во неделата. Вчера, пак, упати критики кон Централната банка и одлуката да се подигнат каматните стапки.