„Медуза“ и „Тииит!Инк“ отворија повик за учество во феминистичката школа „ФЕМ 101.2“, во чии рамки преку пет предавања и седум работилници, заинтересираните ќе бидат подготвени за успешно читање на феминистички наративи, аргументирано пишување и застапување преку креативен израз.
Предавањата ќе започнат на 15 март 2о22 година, а ќе бидат распределени низ два месеци.
Организаторите истакнуваат дека преку школата „ФЕМ 101“ пријавените учесници ќе се запознаат со клучните концепти од феминизмот и родовите студии, ќе се здобијат со подобрено во себе-изразување, а предавањата ќе понудат и креативна платформа за здружување и споделување.
„Познавањето на феминистичката историја, стратегии на отпор и методи на креативен феминистички израз можат да нè зајакнат во борбата против родовата нееднаквост, да ни помогнат во критичкото преиспитување на односите на моќ, родовите релации и нашите сопствени позиции“, додаваат тие.
Обуките ќе бидат менторирани од признаени теоретичарки, професорки и феминистки, односно Ирена Цветковиќ, Ана Мартиновска, Елизабета Шелева, Адријана Захаријевиќ, Јани Сунден, Емилија Петреска-Камењарова, Румена Бужаровска, Сузана Милевска и Јана Јакимовска.
„За времетрањето на школата, учесничките /ците ќе имаат можност за практична работа, како и вклучување во тимот на ‘Медуза’ преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата. Програмата е наменета за девојки и жени, сексуални и родови малцинства“, велат од „Медуза“ и „Тииит!Инк“.
Рокот за пријавување е отворен до седми март 2о22 година, а за да учествувате на школата потребно е да ве интересира феминизам и родова еднаквост, да имате мотивација да пишувате текстови во дадената област, иако претходно искуство не е неопходно, како и да бидете во можност да ги посетувате сите обуки.
Заклучно до седми март потребно е да ја испратите вашата кратка биографија и писмо со мотивација од максимум една страна, на info@meduza.mk со назнака „Апликација за Фем 101“.