Со 104 гласа „за“, 3 „против“ и 1 воздржан, пратениците во Собранието усвоија Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, по скратена постапка.
Пратениците кои ја предложија декларацијата, во образложението пишуваат дека сметаат дека оваа декларација е навремена и дека е потребна да биде донесена во Собранието.
„Руската агресија врз Украина, како чин спротивен на меѓународното право, што ја загрозува европската безбедносна архитектура и го доведува во ризик мирот на континентот е неоправдана и претставува еклатантно кршење на меѓународното право“, се додава во образложението на декларацијата.
Декларацијата се состои од 8 точки, а во неа се наведува дека таа ќе се достави до Владата, Министерството за надворешни работи и до Министерството за одбрана.
Меѓудругото, во точките од декларацијата се осудуваат воените напади, се бара од надлежните институции да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и на ЕУ за да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија.
Со декларацијата се дава поддршка на украинската влада да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, а истовремено се апелира до политичките и општествените чинители за одговорно однесување и воздржување од говор на омраза и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата.
Преку точката 7 од декларацијата пак, препорачуваат државните институции, преку меѓународните организации да го дадат својот придонес во обезбедувањето хуманитарна помош за украинските бегалци, без разлика каде престојуваат.