15-тиот роденден на тетовскиот даб/реге/кросовер бенд „Conquering Lion“ ќе биде прославен со концертен настап во Младинскиот Културен Центар во Скопје, на 16 април.
„Conquering Lion“ своето творештво го започнува во 2007, а досега имаат објавено пет албуми, додека шестиот е во подготовка. Составот досега соработуваше со јамајканскиот артист Џа Кларити, потоа со италијанскиот артист Рафаел, а меѓувремено правеше тури и настапуваше низ Македонија, Германија, Словенија, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Бугарија…
Како специјални гости на настанот ќе настапат реге ветераните „Jah MessenJah Sound System“ кои доаѓаат од Србија и ќе се погрижат за одлична рутс/денсхол забава на подиумот.
Како домашна поддршка ќе настапат младите и енергични „Cut Your Nipple“. Бендот во себе го има она што значи „Phunk“ (панк, фанк, алтернативен, рок).
Влезниците се по цена од 350 денари во претпродажба и 400 денари на влез само на bилетарница на МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk Почеток на настанот е во 21 часот.
Поради пандемијата, влезниците оваа година се во строго ограничен број (50% од просторните капацитети на МКЦ). Фестивалот ќе се реализира согласно актуелните мерки/протоколи за организирање настани во затворен простор.