Од пред неколку дена, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ застана на местото претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. За Радио МОФ, таа вели дека архитектите се соочени со бројни предизвици, дава свој став за македонскиот „Барок“, а на младите архитекти им порачува да бидат бидат храбри и трпеливи.
На местото претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) доаѓате во време полно со предизвици и силна сенка врз професијата архитект. Има ли начин да се врати сјајот на професијата и довербата во фелата?
Можеби една од основните провокации да се кандидирам за претседател е токму односот кон архитектите во времето кое го живееме. „Ниеден камен не можеш да натераш да стане вреден во време кое е мало“, но без провокација нема резултат. Провокација може да биде и нешто убаво, но за жал во нашиот случај тоа не е така.
Изјавивте дека од скопскиот „Барок“, Бернини се превртува во гробот. Сепак овој барок е дело на македонските архитекти, дали и тие се добредојдени во ААМ?
Повеќепати изјавив дека стилот кај нас што се нарекува „барок“, тоа не е, и дека барокот тоа не го заслужува. Во Македонија, одговорно тврдам барок никој не знае да проектира, тоа кај нас на факултет не се учи, преку работа досега никој и не го научил, бидејќи не го ни испроектирал. На архитектите кои проектираат објекти, само фасади како кулиси со еклектични, накитени мотиви и плитки релјефи, местото не им е во ААМ.
Спомената беше и можноста за одземање на лиценци на одредени архитекти. Останува ли и понатаму отворена оваа опција, и дали има можност да се спроведе во пракса?
Секако дека останува отворена таа опција опција за сите архитекти кои делуваат спротивно на универзалните принципи во архитектурата секаде во светот.
„Сите убави архитектонски вредности се и човечки вредности или во спротивно не се вредни.“ Frank Lloyd Wright
Да ќе се обидам да се спроведе тоа во пракаса бидејќи ААМ е организација која ги негува архитектурата, уметноста, моралот, знаењето, работата и тоа се основните принципи за сите нејзини членови. Значи треба да претставува една високостручна организација со строго воспоставени критериуми и да претставува чест и престиж да се биде нејзин член.
Што се случува со акцијата „Го сакам ГТЦ“? Дали ќе продолжи и понатаму и ќе ги опфати ли можеби и остнатите објекти во централното градско подрачје?
Сигурно дека „Го сакам ГТЦ“ ќе продолжи. Мислам дека е повеќе од јасно дека тоа претставува освен борба за ГТЦ, на некој начин и своевиден бунт против архитектонското обликување што интензивно му се случува на градот.
Многумина ќе речат дека живееме во време кога стравот е присутен во сите сфери на општеството. Се плашат ли архитектите да зборуваат, професорите по архитектура да застанат рамо до студентите, и да им се спротивстават на оние кои, како што вие веќе сте изјавиле „спроведуваат наредба или си ја продале душата на ѓаволот“?
Не сакам да поверувам дека сите се плашат, а уште помалку дека треба да се плашат, тоа може да прерасне во параноја и тогаш е лошо за секого. Струката нажалост опасно спие барајќи оправдување во општата летаргија на понижениот.
Голем број архитекти излегоа јавно да го искажат својот став, ААМ и званично се обрати со своја декларација уште пред 3 години која е испратена до институциите во државата, до УИА светската асоцијација на архитекти од која нашата декларација е прифатена и се согласни со нас, на жалост институциите се ѕид од молк и апсолутно игнорирање.
Некои од професорите се изјаснија, поголемиот дел молчат. Професорите имаат само еден избор, а тој е да застанат рамо до студентите. И архитектите кои спроведуваат наредба се нивни некогашни студенти. Архитектонскиот факултет мора да завземе став, знете како се вели ќутењето е злато, но понекогаш и злосторство. Не сакам да поверувам дека е се личен интерес и јас сум нивни студент, на факултет не ме учеа да ќутам, тие ме научија како да размислувам како архитекта.
Со оглед на тоа што Радио МОФ е младински портал, што како совет ќе им дадете на младите архитекти и студентите по архитектура кои се збунети од „Барокот“ во 21-от век?
Ќе им кажам да не се секираат, бидејќи не се должни да плаќаат туѓи долгови. На жалост ова можеби и мораше да ни се случи, ќе беше лага ако не ни се случеше бидејќи архитектурата го отсликува времето кое го живееме и едноставно е невозможно да биде таа различна од општествениот момент. Ќе помине и тоа, но последиците и штетите ќе бидат далекусежни. Затоа треба да бидат храбри, трпеливи. Мораат да го чуваат својот интегритет, бидејќи без интегритет нема личност, а без личност нема граѓанска храброст и одговорност. Вината треба да ја бараат на право место. Искрено се надавем дека се умни, дека не им е Ким Кардашијанс крајниот домет, дека не се силиконски нараштај, бидејќи знаењето и правилното расудување никој не може да им го одземе.
Ј.Ј.