Шефот за хуманитарни прашања при Обединетите Нации (ОН), Мартин Грифитс, ги повика Украина и Русија да обезбедат безбедни коридори за цивили кои бегаат од борбите и за хуманитарна помош во местата каде има активни војувања.
ОН и партнерите обезбедиле храна за стотици илјади луѓе, но безбедносната ситуација предизвикува потешкотии да се стигне до одредени локации кои се под гранатирање од руската армија.
„Цивилите во местата како Мариупол, Харков, Мелитопол и на други локации очајно бараат помош, особено во медицински средства од кои им зависат животите. Најпосле, итно ни е потребен систем на постојана комуникација со двете страни во конфликтот и осигурување дека ќе биде овозможено доставување хуманитарна помош“, рече Грифитс во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН.
Неговата изјава доаѓа откако двете страни се обвинија меѓусебно дека спречуваат бегалците безбедно да ги напуштат воените региони. Напорите да се евакуираат околу 200.000 луѓе од јужниот град Мариупол не беа успешни во саботата и неделата.
Украинскиот амбасадор во ОН ја обвини Русија дека ги гранатира хуманитарните коридори и ги спречува цивилите да избегаат во Европа, како и дека спречуваат достава на помош која е неопходна за луѓето. Но, рускиот амбасадор во организацијата ги отфрли овие обвинувања, додавајќи, без да понуди докази за тоа, дека Украина е таа која го оневозможува хуманитарниот коридор.
Грифитс вели дека неговата канцеларија испратила екипа во Москва која треба да работи на обезбедување подобра хуманитарна помош која би стигнала до најранливите лица погодени од војната во Украина.
Од УНИЦЕФ потврдија дека повеќе од 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина по почетокот на руската инвазија. Половина од оваа бројка се деца. Голем број од нив има и помеѓу жртвите од војната, досега се убиени најмалку 27 деца, додека 42 се ранети.
Од Канцеларијата за човекови права на ОН соопштија дека по почетокот на инвазијата на 24 февруари потврдиле 1.207 жртви во Украина. Најголем број се последици на гранатирање и бомбардирање. Од Канцеларијата посочуваат дека вистинските бројки најверојатно се многу повисоки.