За влез во трговските центри низ земјава повеќе нема да биде неопходен ковид-сертификат, одлучи Владата на Северна Македонија на синоќешната седница на кои беа прифатени предлозите на кризниот штаб за справување со КОВИД-19.
Од Владата соопштија дека и понатаму ќе остане обврската за задолжително носење заштитни маски за влез во моловите, додека обврска за задолжително поседување на КОВИД-19 сертификат останува за влез во угостителските објекти во составот на трговските центри.
Прифатен е и предлогот траењето на сертификатот за прележана болест од КОВИД-19, наместо досегашните 45 дена, да трае 180 дена, односно 6 месеци, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест.
Дополнително, се укинување и одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Истовремено Владата ја прифати и препораката бремените жени да се вакцинираат.
Владата донесе одлука и да се укине барањето за задолжителен КОВИД-19 сертификат за излез од територијата на Република Северна Македонија.
Бројот на новозаразени лица со коронавирусот последниве недели е во опаѓање во земјава. Институтот за јавно здравје соопшти дека изминатава недела биле регистрирани една третина помалку нови случаи и починати лица од вирусот во споредба со неделата претходно.
Северна Македонија, сепак, и понатаму останува меѓу петте најлоши држави во светот според смртноста од вирусот. Од почетокот на пандемијата во земјава се регистрирани 300.106 заразени и 9.097 починати лица од КОВИД-19.