„Јавното претпријатие ‘Лајка’ делува во насока на одговорно и домаќинско работење во однос на трошењето на јавните средства, зголемувајки ги капацитетите на работа на претпријатието, преку организација на работата, штедење на ресурсите кои непотребно се трошеле од 2020 до декември 2021, ставајки акцент на хуманиот третман на животните“, изјави денеска на прес-конференција директорот на ЈП „Лајка“, Воислав Димитровски, тврдејќи дека претпријатието нема веќе огромни суми за адвокатски услуги, а на месечно ниво заштедува по 485.000 денари.
Прес-конференцијата доаѓа откако СДК.мк објави дека нов адвокат на ЈП „Лајка“ е претседателот на Советот на Општина Кисела Вода Иван Живковски од ВМРО-ДПМНЕ. Јавното претпријатие на Град Скопје склучило со адвокатската канцеларија на Живковски која ќе ги застапува на суд по тужби од граѓани за каснати кучиња.
Како што пиша онлајн медиумот, Живковски за ангажманот добива 50.000 денари, а според Димитровски нема ништо спорно, ниту конфликт на интереси во тоа што адвокатот кој ги застапува и зема јавни пари е претседател на Советот на Општина Кисела Вода.
На прес-конференцијата Димитровски денес рече дека ЈП „Лајка“ од формирањето до февруари 2022 година има ангажирано вкупно 4 адвокатски друштва.
„Три од досегашни адвокатски друштва кои биле ангажирани до јануари 2022 година на месечно ниво наплаќале кон ЈП ‘Лајка’ 135.805 ден. За истите услуги е ангажирано ново адвокатско друштво кое ги извршува услугите за 65% пониска сума односно за 50.000 ден на месечно ниво. Истата услуга по наследен договор од претходното раководство на ЈП ‘Лајка’, ја извршува и друго адвокатско друштво со месечен надоместок од 100.000 ден“, посочи Димитровски.
Исто така, рече тој, ЈП „Лајка“ минатата година 2021 за авторски договори има алоцирано 6.014.512 денари односно 501.209 денари на месечно ниво. Во 2022 година оваа ставка е намалена на 100.000 денари на месечно ниво, со што, вели тој, заштедува народни пари од 400.000 денари месечно.
„Со домаќинското и транспарентно работење на ЈП Лајка на месечно ниво заштедуваме по 485.000 денари, со зголемен обем на работа и правилен однос кон решавањето на проблемот со бездомните кучиња во рамките на градот Скопје. Како последица од недомаќинското работење на претходното раководство на ЈП Лајка, претпријатието во декември 2022 година беше затекнато во огромни долгови околу 10.000.000 денари, поради кои во моментот претпријатието се соочува со потешкотии во работењето“, рече Димитровски, кој на почетокот на декември беше поставен за в.д. директор од новата градоначалничка Данела Арсовска, како предлог на здруженијата за животни, откако од функцијата беше разрешена Тина Петрушевска.