По четири години казна затвор добија обвинетите Дарко Костовски и Михаил Пановски за случајот „Јавна соба“. Судот им пресуди за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Костовски беше обвинет како основач и администратор на групата која беше креирана на апликацијата Телеграм, а второобвинетиот Пановски како администратор и модератор на групата.
При изрекување на казната на обвинетите, Судијката Билјана Коцевска истакна дека од анализата на податоците, судот утврдил дека во телефонот на Костовски биле пронајдени 524 записи од чет комуникации, како и 102.539 фотографии и видеа со сексуално порнографска содржина.
„Од анализата на телефонот марка ‘Ајфон’, сопственост на обвинетиот Михаил Пановски, Судот утврди дека се пронајдени 418 записи од чет комуникации и 17.891 податоци, фотографии и видеа, потврдени од сведок кој ја изготвил анализата на екстрахираните податоци од мобилните телефони на обвинетите“, се вели во пресудата.
Во неа се наведува дека Дарко Костовски како основач и Михаел Пановски како администратор, со умисла и волја дозволиле дистрибуција на порнографскиот материјал каде е прикажано дете, а материјалот ниту го избришале, ниту го забраниле.
„Двајцата обвинети имале обврска да се грижат за текстуалната, видео и аудиовизуелната содржина во групата“, се вели во пресудата.
Рочиштата за овој случај беа одложувани во неколку наврати.
Случајот „Јавна соба“ поттикна бројни протести и активистички акции последниве две години. Стануваше збор за разоткривање на групи на социјалната мрежа Телеграм каде биле споделувани лични информации и фотографии од девојки и жени.
Ивана Смилевска