Покрај повеќе од 2.3 милиони луѓе кои побегнале во странство по војната во Украина, околу 1.9 милиони лица се раселени во земјата, соопштија претставници на Обединетите нации (ОН).
Портпаролот на ОН Стефан Дужарик изјави дека повеќето внатрешно раселени лица бегаат од линиите на фронтот и се упатуваат кон запад, односно кон украинскиот град Лавов.
Дужарик предупреди дека хуманитарната ситуација се влошува со алармантна брзина.
„Хуманитарните организации распоредуваат дополнителен персонал низ целата земја и работат на преместување на потребните предмети во магацини во центрите во Украина и во странство“, рече Дужарик.
Тој посочи дека Обединетите нации, заедно со своите партнери, досега хуманитарно им помогнале на 500.000 луѓе во Украина, вклучувајќи храна, сместување, ќебиња и медицинска опрема.
До средата, Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) достави 85 тони хуманитарна помош до транзитните и прифатните центри во Виница во централна Украина, каде пристигнуваат луѓе од истокот на земјата.
Светската програма за храна пак, како агенција на ОН, планира да обезбеди помош за 3.1 милион луѓе, давајќи приоритет на испраќање храна, леб, оброци и медицински материјали.