Лео Поповиќ е транс момче, кое неодамна јавно се произнесе за својот родов идентитет. За Радио МОФ вели дека неговата битка е горчлива, како и сите невидливи битки, а и далеку од извојувана. Вели дека како транс лице во периодот на своето образование, бил комплетно затворен, а по јавното произнесување, веќе нема никакви чворови во стомакот и ниту една кнедла во грлото.
„Комплетна контрола врз двата бели дроба! Стравот од тоа да се биде претепан на улица или дома, во мојот случај за жал, не може никогаш да се мери со тоа. Пружам рака и го кажувам своето име. Девојка ми ме запознава со мајка ѝ и вели ‘дечко ми’ и мене очите ми се полнат солзи божем превозбуден дека ќе се дружам со свекрвата. Отсекогаш сум мразел лаги, а сега ја нема онаа најголемата. Улогата на мојот живот, девојченцето Долорес“, вели Поповиќ.
Но, тој вели дека јавноста уште поважно е да знае дека тој е и актер кој 10 години професионално се бави со глума, но и компонира, пее, свири и „е опседнат“ со јазици.
„Лео се бори за човекови права откако знае за себе бидејќи е бунтовник со тон причини. Брзо, бесно, бестрашно блебетало. На крајот од денот, само исплашено дете со психички пореметувања, ова не се однесува на мојата дисфорија, како и сите други во оваа држава“, нагласува тој.
Кога станува збор за процесот на промена на името и презимето и промената на полот на Поповиќ во личните документи, тој вели дека процедурата не е започната.
„Веројатно нема да ја ни започнам сè додека не дојде време за брак со девојка ми, па морам да сменам легално во маж за да можеме да се земеме, постои секако опција со маж да завршам во животот што значи дека автоматски не мора да се замарам со тоа дали ќе стои ‘М’ или ‘Ж’ сè додека не знам што ќе ‘морам да сум’ за да склопам брак“, вели тој.
Додека промената на полот во личните документи, конкретно за Поповиќ не е моментален проблем, од друга страна, од „ТрансФорма“, иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во земјава, велат дека тоа е најголемиот проблем со кој што се соочуваат поголемиот број на транс лица.
Имено, во земјава сè уште законски не може да се промени ознаката за пол и матичниот број во личните документи, а може да се промени личното име и презиме.
„Секојдневието на трансродовите лица е сведено на дискриминација и потсмев од страна на институциите. Со донесување на законот за правното признавање на родот институционалната дискриминација ќе се намали бидејќи никој нема да не обвинува дека ние користиме фалсификувани документи“, истакнуваат оттаму.
Од „ТрансФорма“ посочуваат дека со донесување на Законот, транс лицата нема да се изложени на претреси и докажување дека дека нивните лични документи се вистински при поминување на граница, нема да се плашат од користење на јавно здравство, каде се дискриминирани од страна на здравствените работници.
„Кога би требало да изнајмиме живеалиште нема да се плашиме дека ќе имаме поставување на интимни прашања, но и зашто документите ни се неусогласени“, сметаат од иницијативата, додавајќи дека не може да се зборува за права кога нема закон кој правно ќе го признае нивното постоење.
Во меѓувреме, заклучуваат од „ТрансФорма“, трансродовите лица ќе продолжат да трпат дискриминација и стигма од институциите, како и говор на омраза на социјалните мрежи, а никој за тоа нема да преземе ништо.
И Коалиција Маргини е на ставот дека многубројните извештаи, анализи, критики и препораки од домашните организации и релеватните меѓународни организации укажуваат на висок степен на општествена нетолерантност и стигма, на насилство и дискриминација и отсуство на политичка волја за заштита во случаи на насилство врз ЛГБТИ-луѓето во земјава.
Сепак, велат тие, изминатите години се бележи и одреден напредок во подобрување на законската рамка, посочувајќи дека кон крајот на 2018 година беше дополнет Кривичниот законик со одредба што го дефинира дело од омраза, кое, меѓу другото, ќе се смета и кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот што е извршено врз основа на родов идентитет.
„Во мај 2019 година, односно октомври 2020 година, Собранието го усвои новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација со кој по првпат се вклучија сексуалната ориентација и родовиот идентитет како забранети основи за дискриминација. Истовремено со Кривичниот законик, Собранието ги усвои и измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги во кој се додаде забрана за емитување на програми што поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на родов идентитет“, посочуваат од Маргини.
Од друга страна, тие се на ставот дека усвојувањето на законите не е доволен за вистински напредок сé додека надлежните не работат на трансформација на институциите и доследно спроведување на законите во духот во кој се донесени. Односно, на начин на кој ќе направат вистинска промена во секојдневниот живот на трансродовите луѓе.
„Секојдневно бележиме случаи на ограничен пристап до здравствени услуги, губење на работни места и домување, насилство во домот и училиштата, како резултат на родовиот идентитет“, посочуваат од Маргини.
Откако Лицето Икс на Стразбур ја доби десетгодишната правна битка за промената на полот во личните документи, во земјава се одвива бавна процедура за усвојување на измените на Законот за матична евиденција. Имено, законот е „заглавен“ во Собрание, а неговото носење според Маргини е неизвесно поради политичката криза меѓу партиите во законодавниот дом.
Во февруари годинава, беше одржана средба на интерпартиска парламентарка група за правата на ЛГБТИ лицата во Собранието, со претставници на Коалицијата Маргини, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија и „ТрансФорма“.
На средбата акцентот беше ставен на унапредување на законската рамка, односно усвојувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција.
Станиша Станковиќ
Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.