Неколку илјади луѓе вчера излегоа на протест во Тирана поради растечките цени на горивата, кои за само една недела поскапеа за 40% во земјата.
Демонстрантите беа собрани на централниот Плоштад „Скендербег“, а граѓаните маршираа до зградата на владата носејќи транспаренти и извикувајќи слогани против премиерот Еди Рама.
Ова е четврти ден како траат масовните протести во неколку албански градови, каде просечната плата е околу 490 евра, пренесува Еуроњуз.
Мала група од нив се упатија и до полициската станица каде побараа ослободување на неколку приведени од претходните протести.
И покрај ниската куповна моќ на населението, граѓаните сега се борат и со скокот на цените поради дестабилизацијата на пазарите по војната во Украина и санкциите врз Русија.
Литар дизел во Албанија чинеше околу 90 денари пред руската инвазија, додека денеска ова гориво се продава за скоро 145 денари по литар. Граѓаните на овие собири бараат пониски даноци и субвенции со кои би се спречил ударот врз најсиромашните домаќинства.
Властите вчера усвоија пакет мерки, но и понатаму останува акцизата на горивата.
Заедно со растот на цените на горивата растат и цените на храната, кои во моментот достигнуваат рекорди на светските берзи поради ограничените количини кои драстично се влошија по руската инвазија врз Украина. И двете завојувани држави се меѓу водечките извозници на земјоделски производи, особено на жито. Украинската влада веќе стави забрана на извоз на жито за да спречи недостаток на храна на домашниот пазар.