Во Младинскиот културен центар (МКЦ) од утре (15 март) ќе биде отворена изложбата „Носталгија на изолацијата“ на Филип Коруновски.
Во оваа изложба Коруновски насочува на што сѐ се посветија луѓето за време на изолацијата од пандемијата. Кои беа нивните интереси, хобија, преокупации… Што открија за себе, што сакаа да прават со себеси и со своето време, како да се навратат со носталгија кон нивните потреби за надоградба на духот на живеење, кој го заборавиле.
„Од технички аспект овие дела се создадени како студија на современите технологии за визуелно изразување. Конкретно, дигиталното цртање и сликање беше предизвик за реинтерпретација на вековно старите ликовни техники и принципи како од графички, цртачки и сликарски аспект. Технологијата носталгично нѐ потсетува на изолацијата од современите технологии, на едно време кога не размислувавме за начинот на создавање, туку на самиот чин на создавањето и состојбата на кататонилност во него“, се вели во најавата за изложбата.
Според рецензентот Деан Дамјановски, овој пат, Филип Коруновски во неговата изложба насловена „Носталгија на изолацијата“ преку силно експресивните ликови што ги претставува, ни дава една перспектива на „носталгијата“, не само како емоционална состојба, но и како визуелна и естетска постапка.
„Од една страна, неговите ликови претставуваат стереотипи на едно не толку дамнешно минато, претставено преку позите, гестовите и дејствијата што ги извршуваат самите ликови. Од друга страна, со визуелниот израз што го користи, Коруновски како да ја исмева, или во најмала рака, да ја проблематизира оваа, толку позната на денешниот човек, емотивна состојба. Набљудувачот ќе препознае во овие ликови фрагменти од сопственото детство и младост, заборавени чувства што измамуваат насмевка со горчина во градите. Истовремено, нема да може, а да не го забележи и погледот на уметникот, кој низ умешно користење на новите технологии, комбинирани со традиционалните ликовни техники, успева да создаде еден гротескен визуелен коментар, кој нѐ тера да се посомневаме во автентичноста на нашите чувства и перцепции. Коруновски во неговата „Носталгија на изолацијата“ нѐ наведува да се запрашаме: дали треба да се довериме на она што го гледаме, на она што го чувствуваме или на она што го мислиме?“, стои во најавата.
Филип Коруновски е ликовен уметник роден 1987 година. Своето образование го започнува во 2002 во Државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ на отсекот за графика и графички техники во Скопје. Во 2006 година високото образование го продолжува на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на отсекот за графика со графички дизајн.
Во 2011 година Коруновски магистрира на одделот за скулптура на истиот Факултет. Истата 2011 година во Ликовниот салон во Велес Коруновски ја поставува својата прва самостојна изложба на цртежи, колажи и слики „Урбана синтеза“, подоцна во 2011 тој исто така ја поставува изложбата „Р.Р.Р.“ на која изложува асемблажи и скулптурални објекти во ликовниот салон. Во меѓувреме од 2010 до 2017 година Филип Коруновски е дел од организацијата на Ликовната колонија „Папрадишки Мајстори“.
Во 2019 година Коруновски ја претставува изложбата „Nicht zu wissen“ во Берлин, Германија. Во 2020 ја поставува изложбата „Несознајно“, која беше поставена во Ликовниот салон во Велес во текот на октомври, оваа изложба е современо естетско истражување на човечките емоции во ликовното изразување, истражување во рамките на класичното портретно сликарство но истовремено и современиот портретен мурален реализам. Оваа изложба е поставена и во Неготино и Кавадарци.
Во 2021 година Филип Коруновски ја поставува изложбата „Носталгија на изолацијата“ во Домот за култура во Демир Капија, а подоцна и во Ликовниот салон во Велес. Во 2021 Филип со Ангел Коруновски ја поставуваат изложбата „Symbiotix“ во МКЦ. Филип Коруновски е сценограф во театарот Јордан Х.К.Џинот во Велес од 2014 година и има работено на сценографии за повеќе од 30-ина претстави во матичниот театар, како и во Штип, Охрид и Скопје.
Изложбата во МКЦ ќе биде отворена од 15 до 25 март.