Вработена во руската државна телевизија „Канал 1“ ги прекина централните вести со протест против руската инвазија на Украина.
Марина Овасјаникова, уредничка во телевизијата, влета во текот на емитувањето на вестите во живо извикувајќи „Стоп за војната, Не за војната!“.
Таа истовремено држеше натпис на кој пишуваше „Не верувајте на пропагандата. Тие ве лажат овде“, додека на англиски беше напишано „Русите против војната“.
Водителката на вестите продолжи да ги чита вестите од телепромптерот, засилувајќи го својот глас во обид да биде погласна од Овасјаникова, но нејзиниот протест можеше да се види во живо неколку секунди пред телевизијата да се префрли на други снимки.
Овасјаникова имала снимено и видео пред да го изврши овој чин на протест. Дистрибуирано преку организацијата за заштита на човекови права ОВД-Инфо, таа во обраќањето вели дека ѝ е срам што работела за „Канал 1“ и што ја ширела пропагандата на руската власт.
„За жал, долги години работев на „Канал 1“ и на пропагандата на Кремљ. Сега ми е многу срам за тоа. Срам ми е бидејќи споделував лаги преку телевизискиот екран. Срам ми е што дозволив зомбификација на руските граѓани. Молчевме во 2014 кога сето ова започнуваше. Не протестиравме кога Кремљ го отру Навални (рускиот опозициски лидер)“, вели таа во видеото.
„Едноставно тивко го гледавме овој анти-човечки режим. И сега, целиот свет се повлече од нас и следните 10 генерации нема да можат да се исперат од срамот поради оваа братоубиствена војна“, додава во обраќањето Овасјаникова.
Во видеоснимката таа носеше ланче со боите и на Русија и на Украина, додавајќи дека нејзиниот татко е Украинец, а нејзината мајка Русинка.
„Она што се случува во Украина е криминал и Русија е агресорот. Одговорноста за оваа агресија лежи на грбот на само еден човек – Владимир Путин“, посочува таа.
Во обраќањето таа истовремено ги повика и руските граѓани да се приклучат на анти-воените протести со цел да се стави крај на конфликтот.
„Само ние имаме сила да го спречиме ова лудило. Излезете на протести. Немојте да се плашите од ништо. Не можат да не затворат сите нас“.
Од ОВД-Инфо информираа дека Овасјаникова била приведена кратко по нејзиниот протест и дека таа била одведена во полициска станица во Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање го поздрави ваквиот знак на протест.
„Благодарен сум на сите Руси кои нема да престанат да ја споделуваат вистината, кои се борат против дезинформациите и споделуваат факти со нивните пријатели и семејства, и лично сум благодарен на жената која влезе во студиото на „Канал 1“ со анти-воен постер“, рече Зеленски.
Овасјаникова може да се соочи и со затворска казна со новите закони во Русија преку кои ширењето таканаречени „лажни вести“ за руската војска е кривично дело. Највисоката предвидена казна за ваквото дело е 15 години затвор. Таа доплнително се соочува со казна и поради повиците кон населението на протести, што руските власти можат да го оценат како повик на „граѓански немири“.
Ова е прв случај во кој вработено лице во некој од руските државни медиуми јавно изрази критика за војната, откако Русија продолжува се` посилно со пресметувањето со критичарите на инвазијата врз Украина.
Од почетокот на војната скоро 15.000 руски граѓани беа приведени поради учество во протестите кои се одржуваа во земјата, беа затворени единствените критички медиуми во државата, а блокирани се и најголемите светски социјални мрежи како Фејсбук, Твитер и Инстаграм.