Делото „Денот на црвот“ од авторката Симона Јовановска ја доби наградата „Роман на годината“, која што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е издаден во 2021 година од страна на издавачката куќа „Или-или“, во едицијата „ПроАза“.
Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.
По повод промоцијата на романот која се одржа на 17 јуни во Младинскиот културен центар, авторката и универзитетска професорка Калина Малеска напиша дека романот е вешто напишан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите.
„Овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови“, напиша тогаш Малеска.
За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг оваа година влегоа четири романи и тоа Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер).
Оваа година за наградата се натпреваруваа 39 романи.
За победничкиот роман одлучуваше жири-комисијата во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева
Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Во продолжение, прочитајте го расказот „Последниот кат“ на Симона Јованоска. Во 2019 година за расказот Јованоска го добива второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“.