Откако Русија го блокираше пристапот до водечките платформи за социјални медиуми Фејсбук и Инстаграм на компанијата „Мета“, побарувачката од интернет корисниците за алатки за надминување на ограничувањата вртоглаво се зголеми, јавува „Евроњуз“.
Пристапот до Инстаграм во Русија беше блокиран вчера како одговор на одлуката на „Мета“ од минатата недела да им дозволи на корисниците на социјалните мрежи во Украина да објавуваат пораки како „Смрт за руските напаѓачи“.
Компанијата оттогаш ја повлече одлуката, соопштувајќи дека повиците за насилство против рускиот претседател Владимир Путин и Русите, генерално, повеќе не се дозволени на нивните платформи.
Фејсбук веќе беше забранет поради, како што рече Москва, ограничувања за пристап до руските медиуми на социјалната мрежа.
Во пресрет на забраната на Инстаграм, побарувачката за виртуелни приватни мрежи (ВПН) кои шифрираат податоци и ја кријат локацијата на корисникот, се зголеми за 2.088% повеќе од просечната дневна побарувачка во средината на февруари, покажаа податоците од компанијата „Топ10ВПН“.
Виртуелните приватни мрежи се шифрирани софтвери кои ја менуваат единствената ИП адреса на корисникот, прикривајќи од каде во светот потекнува нивната ИП адреса.
Тие се повеќе се гледаат како витална алатка за одржување на отворени канали за информации надвор од Русија, додека владата продолжува да ги цензурира вестите за војната во Украина.
Русија е цел на невидени западни санкции поради нејзините акции во Украина и се бори да го контролира протокот на информации, задушувајќи ги странските фирми за социјални медиуми со забавување на сообраќајот и, во случајот на Фејсбук и Инстаграм, со директни забрани.
Побарувачката за ВПН веќе беше во пораст во регионот бидејќи руски и украински веб-страници беа цел на сајбер напади.
Русија забрани неколку ВПН сервиси минатата година, но не успеа целосно да ги блокира, како дел од поширока кампања, за која критичарите велат дека ја задушува слободата на интернет.