Изминатата недела пријавени се 34 смртни случаи од Ковид-19 во 13 градови, односно за 33.3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив, односно 17 се од Скопје, а во однос на возраста, регистрирани се 33 починати лица над 60 години и 1 починат од возрасната група од 50-59 години, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во периодот од 7 до 13 март, регистрирани се 1.818 нови случаи на Ковид-19 од 30 градови во државата, односно забележано е намалување од 27.4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7.8% до 13.8% или во просек 11.6 отсто. Вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28.2% во однос на претходната недела.
„Тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 12,% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 983, односно 54,1%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и Скопје – 155,0/100.000“, се додава во извештајот на ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, односно 505 случаи или 27.8%, додека најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години, односно 60 случаи или 3.3 отсто.
„Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7% во возрасната група од 0-9 години“, посочуваат од ИЈЗ.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Заклучно со 12 март, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство, додека комплетно вакцинирани, со две дози се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.