Студентите кои се заинтересирани за престој во студентските домови ќе добијат уште една шанса за пријавување, бидејќи ќе биде распишан и трет конкурс, потврдија од Министерството за образование и наука за Радио МОФ.
Портпаролот на МОН, Давор Политов, вели дека во првите два рокови не биле пополнети сите места за студентските легла, откако биле констатирани повеќе невалидни пријави во доставената електронска документација.
„Овие пријави се одбиени со цел да се излезе во пресрет на оние кои немаат големи приходи. Се уште немам информација за колкав број на слободни легла станува збор, но сакаме сите да бидат распределени на правичен начин и без никакви ургенции“, додава тој.
И министерот за образование и наука Спиро Ристовски неодамна истакна дека речиси половина од студентите кои годинава аплицирале за место во студентските домови ги лажирале податоците, со цел да добијат евтино сместување. Дури 43 проценти од апликациите имале неточни податоци кои не се идентични со податоците во доставената документација.
Од 6.369 слободни места во првиот конкурс, објавен на 15 јули, Комисијата ги прифатила апликациите на 2.147 студенти и толкав е бројот на пополнети места. Одбиените или не ги исполнувале условите или немале целосна документација или дале неточни податоци за примања во семејството, што не се совпаѓале со тие од Управата за јавни приходи. Некои апликанти си го зголемувале и просекот на оценките.
Според него, биле детектирани и екстремни случаи на поднесување на лажни изјави за имотната состојба и месечните примања на родителите, како на пример кај еден студент кој во електронската апликација навел дека нема никакви семејни примања, а УЈП констатирала годишен прилив од речиси шест милиони денари. Во друг случај, апликантот не пријавил годишен приход од 1,4 милиони денари, во трет пријавил плата на родител од 15.000 денари, а документацијата открила 48.000 денари.
На вториот конкурс за сместување во десетте студентски домови низ земјава, кој го објави министерството имаше вкупно 3.106 слободни легла.