Руската новинарка и уредничка во државната телевизија „Канал 1“ Марина Овсјаникова која упадна во вестите во живо со протест против руската инвазија на Украина извикувајќи „Стоп за војната“, „Не за војната“ доби парична казна од 30.000 рубљи, јави порталот „Медиазона“. Претходно, независниот весник „Новаја Газета“ соопшти дека на Овсјаникова нема да и се суди за ширење лажни вести.
Новинарката беше обвинета за организирање неовластен јавен настан, со што и се закануваше парична казна, општокорисна работа или 10 дена затвор. Овсјаникова беше приведена по протестот, а претходно беше и пријавена за исчезната од адвокатите кои рекоа дека ја барале цела ноќ.
Во меѓувреме на Телеграм каналот на нејзиниот адвокат Антон Гашински споделена е заедничка фотографија со Овсјаникова во судот.
Европската федерација на новинари (ЕФЈ) претходно побара итно ослободување на Овсјаникова.
„ЕФЈ и оддава почит на храбриот чин на Марина Овсјаникова… Етичкиот чин на Овсјаникова ги потсетува новинарите дека тие се таму за да служат на вистината и на јавниот интерес, а не на посебните интереси на оние што се на власт. Силно ги осудуваме обвиненијата против неа и бараме тие веднаш да бидат отфрлени“, рече генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска и понуди азил или други форми на конзуларна заштита на руската новинарка. Во меѓувреме, тој најави дека нејзиниот случај ќе го изнесе и на следниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, јавува „Радио Франс Интернешнл“.
„Ќе започнеме дипломатски напори со цел да понудиме заштита во амбасадата, но и заштита преку азил“, рече Макрон.
Во меѓувреме, „Канал 1“ соопшти дека во тек е внатрешна истрага за необичниот настан во Русија, каде државните медиуми се строго контролирани.
[Видео] „Ве лажат“ – Новинарка упадна во вестите на руската државна телевизија со анти-воен протест