Усогласување на минималната плата во пресметката на платата согласно колективните договори во секторот образование и полиција. Ова беше едно од барањата од денешниот заеднички протест на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Независниот синдикат на полицијата (НСП).
Демонстрантите маршираа од паркингот кај хотелот „ВИП“ па се до Владата, каде ги образложија нивните барања. Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски посочи дека постои огромен револт кај просветните работници, во однос на начинот на кој се пресметува нивната плата.
„Денеска пред Владата има огромен број на просветни работници кои го искажуваат сопствениот револт поради ниската потпросечна плата и поради начинот на кој што се одбегнува пресметката за плата повеќе од една деценија во секторот образование. Ако во нашата држава, во Македонија минималната плата е 18.000 денари, повикуваме, апелираме и најавуваме дека од ден на ден ќе бидеме се побројни тука, доколку не се изнајде решение за просветниот работник конечно да добие достоинствена плата согласно законите и согласно животниот стандард“, рече Гиевски.
Истовремено, тој се надева дека надлежните сериозно ќе го сфатат нивниот повик и дека сериозно ќе пристапат.
„Имам надеж дека синдикалната свест се повеќе ќе се пробуди, колегите се повеќе ќе бидат на број, без разлика од која синдикална организација настапуваат и заедно ќе стигнеме до целта, тоа сме убедени“, рече Гиевски.
Пред Владата, НСОН претходно најави и синдикален камп, но тој денеска нема да се организира. Гиевски за Радио МОФ посочи дека надлежните имале 15 дена за да одговорат на нивото барање, рок кој истекува денеска.
„Но, ние не отстапуваме од целта, ако не дадат одобрение, за две недели без одобрение ќе си поставиме. Веќе, при крај е работата, а се разбира, доколку не започне дијалог, односно усогласување на минималната плата во образование и полицијата“, изјави Гиевски за Радио МОФ.
Тој најави дека нивните активности ќе продолжат со ист интензитет, посочувајќи дека протестот поминал во позитивна синдикална атмосфера, бидејќи, како што рече, неговите колеги имаат доверба и го чувствуваат синдикалното делување како механизам преку којшто можат да го искажат незадоволството.
Гиевски: Одиме на протест, наставниците не смеат да бидат под републичкиот просек