Независната истражувачка организација Реактор започна со видео кампања за родовата еднаквост и процесот на пристапување во Европската Унија. Тие велат дека ова се навидум, две различни теми, но дека видеата имаат за цел да ја објаснат важната поврзаност и како може да се унапреди родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ.
„Термините родова еднаквост и процес на пристапување во ЕУ не ги слушаме често во една реченица. Кога зборуваме за пристапување во ЕУ, често слушаме за сложени реформи во многу области. Преку овие реформи, земјите-кандидатки гарантираат стабилна и демократска власт која го почитува владеењето на правотo и слободите и институциите што истото ги подразбира, вклучително и начелото на родова еднаквост. Родовата еднаквост е основна вредност на ЕУ, и како таква, мора да биде вградена во процесот на пристапување кон ЕУ“, сметаат од Реактор.
Видео кампањата се состои од две кратки едукативни видеа кои имаат за цел да објаснат како може да се унапреди родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ, како и тоа зошто унапредувањето на родовата еднаквост е важно за сите и што може да се направи за нејзино унапредување.
Освен во Северна Македонија, кампањата се спроведува и во четири други земји од Западен Балкан, односно Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, посочуваат од Реактор.