Руската војска бомбардираше уметничко училиште каде биле засолнети околу 400 луѓе во опколениот украински град Мариупол, соопштија локалните власти, јавува „Радио Слободна Европа“.
Официјални лица на апликацијата Телеграм соопштија дека зградата на училиштето е уништена и дека луѓето можеби се затрупани под урнатините. Засега нема информации за жртви.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека опсадата на Мариупол ќе влезе во историјата поради, како што рече, воените злосторства извршени таму од руските војници.
„Да се направи ова на мирен град, она што го направија окупаторите, е терор што ќе се памети со векови“, рече Зеленски во видео-обраќањето до нацијата објавено утрово.
Руските воздушни напади на 16 март го срушија театарот во Мариупол каде што се засолнуваа цивили. Градските власти соопштија дека 130 луѓе биле спасени, но дека многу повеќе би можеле да бидат под урнатините. Спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани.
Руските сили претходно бомбардираа и породилиште во Мариупол.
Локалните власти соопштија дека повеќе од две недели околу 400.000 луѓе се заглавени во Мариупол, засолнети од силните бомбардирања што го прекинаа централното снабдување со електрична енергија, греење и вода.