На 5. и 6. април 2022 (вторник и среда), во Скопје, во организација на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, ќе се одржи првиот хакатон за развој на концепти за нови културни доживувања, со користење на имерзивни технологии, кои ќе бидат дел од првата мобилна апликација „Имерсиум“ (Immersium) за археолошките локалитети: „Стоби“ (Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија).
Право на учество имаат сите млади крeативци од 18 до 35 години, со искуство и интереси во креативниот сектор, културата (римското културно наследство), уметноста или во новите модели на комуникација и маркетинг. Заинтересираните треба да се пријават со тим (од три члена), со пополнување на електронската форма за регистрација, најдоцна до 31. март 2022 година.
Пријавените тимови ќе имаат поддршка од тројца ментори, професионалци и претставници од креативниот и културниот сектор, кои ќе работат заеднички со тимовите во развојот на нивните концепт – решенија. Наградниот фонд за овој хакатон е во вредност од 1.500 евра, а избраните концепти ќе бидат дел од мобилна платформа „Имерсиум“ (Immersium).
„Целта на „Имерсиум“ (Immersium), како платформа е да овозможи нови модели за промоција на културата, со користење на имерзивните технологии и да креира атрактивни и интерактивни доживувања за посетителите на културните локалитети на Балканот, но и во Европа“, посочуваат од БЛИНК 42-21
„Имерзивните технологии се технологии на 21-от век. Тие создаваат различни искуства, со спојување на физичкиот свет со дигитална или симулирана реалност. Аугментираната реалност (AR) и виртуелната реалност (VR) се два главни типа на имерзивни технологии. Со нивното користење во различни сектори, како што е културното наследство, овие технологии уште повеќе се доближуваат до граѓаните како корисници, преку новите алатки со кои се доживува минатото и се раскажуваат приказни кои нудат интеракција“, додаваат организаторите.
Овој дводневен настан се организира во рамки на проектот: „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство во Западен Балкан”, поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“, кој Блинк 42-21 го спроведува со уште 6 партнери во Македонија, Србија, Словенија, Грција и Бугарија.
Дополнителни информации може да се добијат на info@blink42-21.mk, како и на социјалните медиуми.
*Од Блинк 42-21 не известија дека при промоција на настанот направиле ненамерна грешка и искористиле фотографија од амфитеатарот на Виминациум која е во авторство на Иван Андрејиќ. Од организацијата замолија да се отстрани фотографијата и упатија извинување до Андрејиќ за направениот пропуст.