Ученички компании како решение против загадувањето

Весна Живаљевиќ е професорка во СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје, со работно искуство подолго од 24 години. Се вработила во училиштето по завршување на високото образование и постдипломските студии на Економскиот факултет „Св. Кирил и Методиј“ и веднаш се вљубила во својата професија. Таа е експертка во својата област, посветена професорка, но пред сè добар човек. Многу генерации ѝ се благодарни за знаењето кое несебично го споделила со нив, за заедничките проекти и огромната поддршка која им ја пружила. Менторка е на ученички компании кои нудат решенија во врска со актуелниот проблем, загадувањето.

Како е да се биде професорка во средно стручно училиште? Со кои предизвици се соочувате?

За мене, зборот „професор“ значи „просветител“, човек кој постојано се обидува не само да го пренесе своето знаење кон учениците  туку  пред сè да ги открие способностите на секој ученик. Сметам дека секој ученик е свој, посебен, располага со одредени способности и вештини кои ние професорите треба да ги откриеме, да ги развиеме и усовршиме. За мене, ова е најголемиот предизвик во мојата професија, пристапот кон секој ученик и откривање на неговите афинитети.

Менторка сте на три ученички компании. Како дојдовте на идејата да ги креирате? Како изгледаше самиот почеток? Може ли накратко да ни раскажете за трите компании?

Првата и основна работа на која континуирано ги учам моите ученици во формирањето на ученичките компании е следната: не размислувајте за профитот или за тоа колку пари ќе заработите. Започнете со анализа на одреден проблем (проблем со кој вие самите се соочувате), потоа предложете одредено решение (тоа може да биде производ или услуга наменет за одредена целна група), потенцирајте ја вашата предност во однос на конкуренцијата и објаснете ја целта која сакате да ја постигнете преку пласирање на производот/услугата на пазарот. Само на овој начин ќе можете да успеете и да имате купувачи (корисници) кои ќе бидат апсолутно задоволни од вашиот производ (услуга).

Првата ученичка компанија „Алтер“ (https://alter-com-mk9.webnode.com/) ја  формиравме во месец септември 2018 година во нашето училиште СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје, по објавениот натпревар, организиран од Министерството за образование и наука (МОН), УНИЦЕФ, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и „UP SHIFT“ на тема: „Решавање на одредени социјални проблеми и предизвици од нашата блиска околина“, под мое менторство.

На овој натпревар нашите ученици понудија конкретно решение, а тоа е замена на пластичните шишиња со алуминиумски термоси врз основа на претходно воочениот проблем: преголемиот број на пластични шишиња фрлени во корпите за отпадоци. Учениците кои членуваат во „Алтер“ ги имаат поставено следните цели: стекнување поголема еколошка свест кај младите, намалување на пластичниот отпад во училиштата, заштеда на пари кај секој од учениците, грижа за здрава животна средина.

Презентирајќи ја својата еколошка идеја, оваа ученичка компанија учествуваше на бројни натпревари организирани од „Junior Achievement Macedonia“, Младинската асоцијација на средни стручни училишта на РМ (МАССУМ) и ги постигна следните успеси: трето место на националниот натпревар за најдобра ученичка компанија, одржан на 10 мај 2019 година организиран од УСАИД и „J.A. Macedonia“ ; и трето место во категоријата „Најдобра видео-реклама“ на натпреварот за сите средни стручни училишта, организиран од МАССУМ, одржан на 25 април 2020 година.

Преку организирани продажни промоции, учениците досега имаат продадено повеќе од 150 алуминиумски термоси и маици со еколошки пораки, а сите заедно продолжуваме понатаму во развивање на еколошката свест за нула пластичен отпад.

Втората ученичка компанија „Трагачи“ ја формиравме во учебната 2019/2020 и таа врши снимање и објавување на видео-насоки во кои учениците ги објаснуваат последователните чекори во изработката на практичните вежби од електротехничка, сообраќајна и машинска струка.

На нивниот веб сајт https://seekerservices.weebly.com/ до овој момент се објавени повеќе видеа од електро, машинска и сообраќајна струка преку кои постигнуваме сè помало печатење на пишан материјал на хартија со што придонесуваме кон заштита на шумите и животната средина. Целта која сакаме да ја постигнеме со снимањето на овие видео-насоки е сите ученици да ги охрабриме и да ги мотивираме за што подобро изведување на практичните вежби.  На натпреварот „Предизвик за млади истражувачи“, кој беше организиран од ФИТР во 2020 година – проектот Трагачи под менторство на проф. Весна Живаљевиќ и Катерина Малова Младеновска ја доби потребната финансиска поддршка со која во тек е набавка на опрема и материјали кои се потребни за снимање на што поголем број видео-насоки.

Третата ученичка компанија „PTT Solar Energy“ https://ptt-solar-energy.weebly.com/ започна да функционира од оваа учебна година откако учениците учествуваа на натпреварот организиран од „UP SHIFT“ (8–14 јуни 2021) на кој учествуваа: Теодора Седмакова од IV -2 клас, Марија Христовска IV -2 клас, Елена Димитровска IV -2 клас, Петар Стојановски IV-3 клас и Леонид Атанасовски IV-8 клас, под мое менторство. На натпреварот, тие ја презентираа својата идеја „Преку поставување на клупа со соларни панели во училишниот двор, ја зголемуваме еколошката свест за сè поголемо користење на обновливите извори на енергија“. По освојувањето на наградата, учениците ја формираа ученичката компанија „PTT Solar Enegry“, отворија своја веб-страница, изработија едукативни брошури, визит-картички, отпечатија маици со еколошки пораки и ја поставија соларната клупа која ги имаше следните карактеристики: 90W соларен панел, интернет-пристап, LED-осветлување, USB-полначи за мобилните телефони.

Преку оваа ученичка компанија во текот на учебната година учениците започнаа да спроведуваат едукативна промоција, укажувајќи на предностите од користењето на сончевата енергија со што ќе ја постигнат својата цел, а тоа е зголемување на еколошката свест преку инсталирање на што поголем број соларни системи од страна на домаќинствата и претпријатијата, со што ќе се поттикне развојот на економијата и претприемништвото во нашата земја.

Би сакала да нагласам дека сите три ученички компании функционираат на непрофитна основа и нивната цел е иста: развивање вештини за зелени иновации кај учениците и професорите во средните стручни училишта.

Колку Вашите ученици се посветени на тоа што го работат? Дали доволно се трудат? Дали сте задоволни од нивната работа?

Да, секако дека сум задоволна од работата на моите ученици, бидејќи преку нивната додатна активност во ученичките компании, надвор од редовните часови, го постигнавме ова што го имаме сега. Преку нивната тимската работа,  преку нивното меѓусебно споделување на стекнатите знаења и вештини,  сите заедно учествуваат во креирање на што подобри резултати во секоја ученичка компанија.

Каква беше реакцијата на Вашите колеги кога ги креиравте компаниите? Дали имате поддршка од нив?

Уште од почетокот со формирањето на првата ученичката компанија добив огромна поддршка од сите колеги во реализација на планираните активности. Се гордеам со своите колеги кои им помагаат и континуирано ги охрабруваат учениците да бидат дел од сите нови натпревари кои се организираат во земјава и пошироко.

Вие сте многу успешна професорка. Кое е Вашето мото за успех?

Секогаш гордо кажувам дека децата се нашето најголемо богатство и тие имаат право на квалитетно образование. Ние, професорите сме тука за да им помогнеме на учениците што полесно да ги усвојат новите знаења, да ја изградат својата самодоверба, да ја поттикнеме нивната иновативност, да ги мотивираме за постигнување на што поголеми успеси.

Како ги мотивирате учениците? Кои совети им ги давате?

Секогаш им велам дека треба да веруваат во себе, во својата идеја, во својата визија и своите способности – тогаш успехот е неизбежен. Не се откажувајте во моментот кога ќе наидете на одреден проблем, тој нека биде вашиот предизвик за да пронајдете решение и да продолжите храбро да чекорите во животот.

Дали кај новите генерации има интерес да се придружат на компаниите? Каква е нивната реакција?

Морам да признаам дека позитивно сум изненадена колку новите генерации се информирани за проблемите со загадувањето на животната средина. Бидејќи сите наши ученички компании се базираат на зелени идеи, секоја година постои сè поголем интерес од страна на учениците да бидат дел од нив и да придонесат кон постигнување на што поголеми успеси на нашите ученички компании.

Дали имате план во иднина да креирате нови ученички компании?

Да, секако. Најсакана област за работа ми е социјалното претприемништво кое е темелот на трите ученички компании. Суштината на социјалното претприемништво е создавање иновации, со кои се обидуваме да ги решиме проблемите со загадувањето на животната средина, решенија во циркуларната економија, помош кон маргинализираните групи и нивно сè поголемо вклучување во општеството. Во иднина континуирано ќе се обидувам да го пренесам моето знаење од оваа област кон учениците заедно обидувајќи се да создадеме еден поубав свет за сите нас.

За крај, што би им кажале на полуматурантите, зошто да се запишат во СУГС „Владо Тасевски“?

Нашето училиште СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје има прекрасни професори кои максимално  се посветени кон учениците, имаме високо технолошки опремени училници и ученици со кои сигурно би сакале да се дружите.

авторка – Ана Ѓорчевска

 

*Текстот е направен во рамки на „Младински муабети“ во склоп на Новинарскиот клуб на Радио МОФ, раководен од новинарот Огнен Јанески