Повеќе од половина од украинските деца се раселени откако Русија ја нападна Украина, според Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), пренесува „Евроњуз“.
Околу 4.3 милиони деца, или повеќе од половина од проценетата детска популација во земјата од 7.5 милиони, се раселени во еден месец од почетокот на војната. Тоа вклучува околу 1.8 милиони деца кои побегнале во соседните земји и 2.5 милиони кои се раселени во Украина, според агенцијата на ОН.
„Војната предизвикува една од најбрзите големи раселувања на деца од Втората светска војна“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Исто така, војната резултираше со смрт на најмалку 128 деца од почетокот на војната, според Људмила Денисова, комесарка за човекови права во Украина. Во меѓувреме пак, 172 деца се повредени од почетокот на војната, рече Денисова, додавајќи дека сепак вистинската бројка е веројатно многу поголема.
Расел во говорот рече дека „во Украина, децата и нивните семејства се кријат во подруми и се засолнуваат во железнички станици“.
„Милиони имаат мал до никаков пристап до безбедна вода или соодветна санитација или хигиена. Милиони деца не одат на училиште“, додаде Расел.