Од Младинскиот културен центар извесуваат за вечерашниот концерт на битолскиот бенд „КОД 369“. Концертот ќе започне во 20 часот во МКЦ.
Оттаму посочуваат дека бендот е формиран во 2020 година, а претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на бендот „Памперс“. Во „КОД 369“ членуваат Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас-гитара, клавијатури).
„Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората“, објаснуваат организаторите.
Тие нагласуваат дека во текстовите на бендот се препознаваат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.
„Албумот ‘Stages of Love’ е првиот албум што го создадоа и снимија како ‘КОД 369’. Првиот сингл со наслов ‘Остани до крај’ е истовремено амбиентален и подвижен, искажувајки ги турбуленциите на емоциите. Стиховите се стремат да ja величаат љубовта на долги патеки“, се вели во соопштението на МКЦ.
Организаторите истакнуваат дека влезот е слободен, но посетителите претходно треба да подигнат бесплатни билети онлајн.
Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протоколи.