На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.[Став] Младите со атипичен развој прво да се ослободат од дискриминација, па потоа од студентска партиципација
Владата во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, донесе Уредба за лицата со попреченост да бидат ослободени од партиципација за студирање. Односно, се ослободуваат од партиципација сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи. Фино звучи. Но, тука има едно големо НО, многу важна работа што мора да биде спомената. Оваа мерка ќе биде комплетна само ако факултетите имаат приспособени програми и услови за лицата со атипичен развој. Мора работа паралелно. Инаку е само декларативна помош. Нецелосна мерка.
2. [Видео] Јасно и Гласно: Студентите ем дискриминирани, ем не пријавуваат
Дури третина од студентите почувствувале дискриминација на своја кожа, а скоро 7% од идните академски граѓани пријавиле дискриминација на нивниот факултет. Поразително е и тоа што само 8% од студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација.
Ова се податоци од истражувањето на МОФ за студентската перцепција на дискриминација, во кое беа анкетирани студенти од четирите најголеми државни универзитети.
3. Брзи кредити – рајски авантури или должничко ропство?
На работа сте. Телефонот ви ѕвони, ве бара некој непознат број. Сепак кревате. Гласот од другата страна милозвучно ве прашува кога планирате да ја исплатите вашата рата од брзиот кредит. Но, вие никогаш не сте подигнале брз кредит. Се наоѓате неподготвени, не знаете како да реагирате. Вашиот молк е причина гласот да почне да ги кажува негативните последици од задоцнета исплата. Почнува да ви се „темни“, велите „во ред“ и исклучувате. Сфаќате дека сте „фатени на оро“ без ваша согласност. Не знаете каде да се обратите.
4. [Видео] Учиме знаковен јазик
Вреди да го знаете секој јазик. Без разлика дали е англиски, германски, или македонски знаковен јазик“, вели Мими Бојаџиевска.
Таа пред две години започнува да го учи знаковниот јазик и е на половина пат да стане толкувач. Нема лични мотиви, освен желба што ја следи од детството, кога на вестите ги гледала толкувачите на знаковен јазик.
Инаку, дали знаевте дека сите глуви и наглуви лица во државата, без разлика од која етничка заедница доаѓаат, говорат ист знаковен јазик.
5. „Работам на илустрации за деца затоа што ја сакам нивната имагинација“ – #ИнстаИлустрации со Ангела Конеска
Ангела Конеска е илустраторка и сликарка која изминативе четири години професионално се занимава со дигитална илустрација. Таа е студентка на Факултетот за ликовни уметности на отсекот сликарство, но својата најголема пасија ја пронајдува во дигиталната уметност, особено во илустрациите за деца.
„Работам за студиото Bright Jungle кое е лоцирано во Скопје веќе неколку години, имав можност да работам на многу проекти кои вклучуваат илустративна работа, но и анимација“, раскажува таа за Радио МОФ.
За инспирација ѝ служат илустратори, карактер дизајнери и аниматори како: Aaron Blaise, Jason Deamer И Brittney Lee. Но, за Конеска инспирација се и нејзините колеги од студиото со кои соработува.