Во фоајето на Националната опера и балет на 30 март (среда) во 19 часот ќе се одржи промоцијата на десет тома со 12 реобјавени книги за возрасни на познатата писателка Оливера Николова.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, го реобјавува целокупното творештво за возрасни од Николова.
„Книгите, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата! Уредник на изданијата е Оливера Ќорвезироска“, се вели во најавата за промоцијата.
На настанот ќе говорат авторите на новите поговори кон делата на Николова: Елизабета Баковска (поговор за „Куклите на Росица“), Румена Бужаровска („Куќичка“), Владимир Мартиновски („Тромбот“), Калина Малеска („Адамовото ребро“), Јелена Лужина („Збогум Вано, Ванке…“), Гоце Смилевски („Пешаци по црни полиња“), Никола Гелевски („Белиот чад“), Владимир Јанковски („Лева комора“) и Катица Ќулавкова („Вежби за Ибн Пајко“). Видеообраќање ќе имаат: Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски („Песот со тажен поглед“). Модератор на настанот ќе биде уредничката на изданијата, Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“.
Реобјавените книги од Оливера Николова ќе бидат достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.