Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА, повика на марш за видливост на овие граѓани.
Маршот, кој се организира како одбележување на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, ќе се одржи во четврток на 31 март во 12 часот, со почеток пред Владата.
TрансФормА заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува по четврти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
„Оваа година, повторно ги потсетуваме носителите на одлуки дека тука сме и без закон и бараме од Владата и од Собранието веднаш да го вратат назад Законот за правно признавање на родот и да го изгласаат. Очекуваме поддршка од пратениците со кои соработуваме и кои ја разбираат значајноста од донесувањето на овој закон, но и од сите останати што досега не успеаја да ја увидат нужната и итна потреба од подобрување на нашата легислатива во насока на подобрување на нашите секојдневни животи“, стои во најавата за маршот.
Оттаму посочуваат дека и трансродовите лица заслужуваат безбедност, рамноправност и почит кон нивниот идентитет како и сите други граѓани.
Празникот беше основан од американската транссексуална активистка Рејчел Крндалд од Мичиген во 2009 година како реакција на недостатокот на ЛГБТ празници кои ги слават трансродовите луѓе, цитирајќи ја фрустрацијата дека единствен познат празник на трансродовите лица е Денот на сеќавање на убиените трансродoви лица, но не ги призна и слави живите членови на трансродовата заедница. Првиот Меѓународен ден на видливост на трансродовите лица се одржа на 31 март 2009 година.