Греењето на дрва, односно согорувањето на биомасата претставува најголем извор на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје. Тоа допринесува за надминување на граничните вредности на суспендираните цврсти честички, но постојат и други значајни извори кои мора да се решаваат, дури и во пократок временски рок. Тоа се, пред се’, согорувањето на нафтата и мазутот во разни процеси, минералната прашина која потекнува од градежните активности, ресуспензија на прашината од улиците и еолската (ветрова) ерозија на невегетираните површини. Исто така, загадува и палењето оган на отворено. Пособно што, покрај согорување на земјоделски и градинарски отпад, има согорување и на многу други отпади, како што е бакарот.
Ова се заклучоците од новата Студија за изворите на загадувањето во Скопје, која денеска беше презентирана од Дејан Мираковски, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) Штип.
Тој објасни дека студијата е изработена со софистицирана лабораториска опрема што ги анализирала поединечните извори и видовите загадувачи во Скопје. Истражувањето е правено од октомври 2020 до ноември 2021 на две постојани (Карпош и Ново Лисиче) и три мобилни локации низ главниот град.
Скопје генерално е лоцирано во котлина, вели Мираковски, па постојано има силни температурни инверзии. Во текот на зимото траат долги периоди со стабилна атмосфера, што овозможува емитираните загадувачи да останат во приземната зона.
„Влијанието на високите градби секако ги менува микроструењата и прави ‘кањони’, иако ние го меревме вкупното загадување, на целото подрачје. Морам да споменам дека минералната прашина, посебно во текот на летните месеци, може да се поврзе со несоодветните контроли на градежните активности, ископување, па и движењето на тешки возила по сообраќајниците кои помагаат да се разнесува прашината. Градежништвото е сериозен учесник во загадувањето, посебно во летото кога овој извор надминува и 30-40%“, рече тој.
Според него, менувањето на начинот на греење на домаќинствата е процес што ќе се одвива подолго. Меѓутоа, за школите и јавните објекти – може и мора да се реагира побрзо.
„Kога истражувавме добивме податок дека половина од основните училиштата во урбаната зона се греат на нафта или мазут. Веројатно има и многу јавни институции, веројатно и индустријата користи доста мазут за производство на топлина. Понатаму, старите возила со моќни машини немаат мерки за контрола, па емитираат и 70-80% од вкупните суспендирани честички од сообраќајот. Ова се работи што можат да се направат на пократок рок. Но, за да ги намалиме епизодите на екстремно загадување, веројатно ќе треба позначајно намалување на емисиите од биомаса“, констатираше Мираковски.
Низ годините, затоплувањето со дрва е на врвот на листата загадувачи и во други студии. Истражување што го спроведе УНДП на примерок од 5.044 домаќинства покажа дека само 21% од домаќинствата во Скопје се приклучени на системите за централно греење, додека дури 45% од домаќинствата ги загреваат своите домови со огревно дрво.
Исто така, друга анализа утврди дека две третини од населението во Македонија, односно 62 отсто, се грее или готви на дрва, за разлика од 28,60 отсто што се греат на електрична енергија, 8,33 отсто на топлинска енергија од јавни котларници, а останатите 1,48 отсто ги трошат останатите видови на енергенти, како јаглен, нафта, брикети или гас.
Инаку, најновата Студијата е изработена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, вреден над два милиони американски долари, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Бојан Шашевски