„Постои недостаток од стратешки документи конкретно кои се однесуваат на младите, и најчесто младите претставуваат само поглавје во рамки на овие документи. Дополнително, не е доволно креирањето и усвојувањето на ваквите документи, туку клучна е и нивната имплементација, односно на младите навистина да им се обезбеди тие да бидат слушнати од институциите, да им биде обезбеден простор за изразување, и да можат да учествуваат во процеси на креирање политики и донесување одлуки за прашања кои се однесуваат на нив“.
Ова денеска го изјавија од Националниот младински совет на Македонија на „Youth Wiki: Форум за младински политики”, настан со цел да се воспостави дијалог помеѓу младите и младинските организации со носителите на одлуки за младински политики.
Исто така, настанот имаше цел да ги вклучи младите и младинските организации во креирањето, спроведувањето и следењето на младинските политики, и да ја запознае јавноста со платформата ЈутВики (Youth Wiki), сеопфатна база на податоци за националните структури, политики и активности кои се однесуваат на младите.
На настанот, Марко Ѓоргиевски, Директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, истакна: „Кога инвестираме во младите да не заборавиме дека тоа треба да е насекаде, подеднакво. Младите не се само во централните градски подрачја, младите се насекаде. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Еразмус+ нудат најразлични можности за сите и даваат можност за градење на капацитетите на младите и развој на лично и професионално ниво. Да креираме и да инвестираме за и со младите“.
Носител на ЈутВики (Youth Wiki) за С. Македонија е Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, додека Националниот младински совет на Македонија работи на континуирана анализа и ажурирање на поглавјата на платформата.