Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека и судовите треба да дадат свој придонес кон заштитата на животната средина, откако периодов и повеќе еко-организации реагираа дека не се третира еколошкиот криминал од судството.
Нуредини учествуваше на отворањето на регионалната конференција „Уставни судови – чувари на животната средина“, каде посочи дека како држава го имаме препознаено правото на здрава животна средина во Уставот, ги имаме поставено основните елементи на посебното законодавство за заштита на животната средина.
„Како Министерство постојано го унапредуваме, особено во последниот период, кога интензивно работиме на хармонизирање на нашето право со ЕУ стандардите. Како Министерство предложивме низа законски решенија, ги зголемивме глобите за прекршоци во однос на животната средина, а во моментов во Собранието, на наш предлог, се расправа Законот за инспекциски надзор во животната средина, со кој целиме кон подобро спроведување на оваа норматива. Но, сепак сме свесни дека се соочуваме со сериозна деградација на животната средина, и ретко некој сноси одговорност за тоа. Потребно е сите актери, меѓу кои и судовите, да учествуваат со свој придонес ако сакаме да ја зачуваме животната средина“, порача министерот Нуредини.
Изминатиов период вклучување на судството побараа и од Алијансата „Разбистри се’“. Кирил Ристовски од организацијата „Флоразон“ неодамна истакна дека има изгубени случаи поради отсуство на еколошка правда. Индикација е нискиот број на процесиурани случаи од кривичното право во делот на судството.
„Најчесто, сите пријави што доаѓаат од инспекциските служби завршуваат со минорни парични казни, односно со опомени. Сегашната пракса укажува на заштита на крупниот капитал од судовите, па во иднина треба да се оствари значителен напредок во оваа сфера. Примарно преку едукација на самите судии и обвинители, но можеби и преку формирање на специјални одделенија во рамки самите судови што ќе се занимаваат со еколошкиот криминал“, нагласи Ристовски.