Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), од 11 април ќе започне со генерален штрајк во училиштата и градинките, информираа од Синдикатот по вчерашните преговори со претставниците на Владата за нивните барања за зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.
„Советот на СОНК донесе едногласна Одлука за Генерален штрајк кој што ќе започне на 11 Април. Денешните преговори завршија без предлог од страна на Владата“, напишаа на Фејсбук од СОНК.
Од Владата во соопштение до јавноста по средбата со СОНК велат дека договориле континуиран дијалог до постигнување договор.
„На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори“, соопштија од Владата.
Барањето на СОНК е усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува на 18.000 денари. Дополнително од Синдикатот бараат минималната плата во иднина да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика на предупредувачки протест денеска. Протестниот марш ќе започне во 15:30 часот пред Собранието, а присутните потоа ќе се упатат до Владата.
Вчера од Независниот академски синдикат – НАкС соопштија дека се приклучуваат кон барањата за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, како и кон повикот за почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори.
НАкС се приклучува на протестот за усогласување на минималната плата со колективните договори