Соларната и ветерната енергија генерирале 10% од електричната енергија во светот за првпат во 2021 година, покажува нова анализа на климатскиот и енергетскиот тинк-тенк Ембер.
Лани 50 држави добивале повеќе од десетина од нивната енергија од извори на ветер и сонце, додека истовремено побарувачката за струја се зголемила за рекордно ниво откако светските економии почнаа да се опоравуваат од пандемијата со Ковид-19, пренесува Би-Би-Си.
Сонцето, ветерот и други чисти извор генерирале 38% од светската електрична енергија минатата година. Лани, за првпат соларните панели и турбините на ветер генерирале 10% од вкупното производство на струја. Количината на струја која се создава од ветер и сонце е дуплирана од 2015 година, кога беше потпишан Парискиот климатски договор.
Најбрзите трансфери на ветерна и соларна енергија се случиле во Холандија, Австралија и Виетнам. Сите три држави префрлиле една десетина од нивната потреба за струја од фосилни горива кон обновливи извори во последните две години.
„Она што го забележуваме е огромен чекор напред во создавањето енергија од соларни извори, што не само што ја задоволи зголемената побарувачка за струја, туку истовремено придонесе за намалување на генерирањето струја од јаглен и гас“, вели Дејв Џонс, директорот на Ембер.
Според анализата, побарувачката за струја минатата година била еднаква како да се додаде една нова земја како Индија на светската мрежа за снабдување со електрична енергија.
И покрај растот на обновливите извори на енергија и фактот што некои држави, како Данска, сега генерираат половина од своето производство на струја од ветер и сонце, сепак енергијата добиена од јаглен исто така има забележано огромен раст во 2021. Мнозинството од зголемената побарувачка на струја била задоволена со струја добиена од фосилни горива, а енергијата добиена од јаглен пораснала за 9%, што е најголем раст од 1985 година.
Најголемиот раст во употребата на јаглен е регистрирана во азиските држави, како Кина и Индија, но зголеменото трошење јаглен не се пресликало и кај употребата на гасот за производство на струја, каде е регистрирано зголемување од само 1%. Ова покажува дека растечките цени на гасот го прават јагленот подобар извор на струја во моментов.
Во анализата се наведува и дека за достигнување на глобалната цел, за стопирање на растот на температурите, ќе биде потребно електричната енергија добиена од ветер и сонце да има раст од 20% секоја година до 2030.